МИСТЕРИОЗНА СМРТ НА РУСКИ ГЕНЕРАЛ ШТО ГО КРИТИКУВАШЕ ПУТИН Го нашле мртов со сопругата, а потоа телата исчезнале, па нема обдукција!
Смртта на генералот и неговата сопруга е само една од многуте мистериозни смртни случаи на руски научници, политичари и бизнисмени од почетокот на војната во Украина.
Поранешниот командант на руската противвоздушна одбрана, кој го критикуваше Владимир Путин за состојбата на руските воздухопловни сили, е пронајден мртов во неговиот дом заедно со сопругата, под мистериозни околности, пишува „Дејли мејл“.
Високо одликуваниот генерал-полковник Владимир Свиридов (68) и неговата сопруга Татјана (72) биле мртви околу една недела пред да бидат пронајдени нивните тела во нивната куќа во селото Аџиевски во регионот Ставропол во јужна Русија.
Според локалните медиуми, руските власти не можеле да ја утврдат причината за смртта
Она што е уште позагадочно во целата ситуација е што по откривањето и по пријавата, телата на сопружниците исчезнале, па не може да се изврши обдукција, за да се утврди точната причина за нивната смрт.
Генералот Свиридов беше многу почитуван во руската армија. Беше одликуван со Орден на црвена звезда и е добитник на голем број други награди. Сепак, тој се повлече од функцијата командант на 6-та армија и воздушна одбрана на руските воздухопловни сили, по серијата остри коментари за состојбата на руските вооружени сили.
Во едно интервју тој истакна дека пилотите мора да имаат околу 100 часа лет годишно за целосна борбена готовност, но дека тоа не е случај во руската армија. Тој, исто така, предупреди за недостигот на квалитетна офицерска обука и ниските плати, што предизвикува многу млади офицери да ја напуштат армијата.
– Принудени сме да поставуваме нецелосно обучени службеници, бидејќи подобри нема. Од истата причина, испраќаме пилоти од трета класа во воените академии. Ова не се случувало во минатото! – рече тој и индиректно го критикуваше Путин.
Смртта на генералот и неговата сопруга е само една од многуте мистериозни смртни случаи на руски научници, политичари и бизнисмени од почетокот на војната во Украина.
Она што досега е утврдено е дека генералот и неговата сопруга не починале од задушување со гас, бидејќи во нивната куќа не е забележана концентрација на штетни материи.