Мисовски: Сите сме наследници на Илинден

280

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски денеска од Мечкин Камен во Крушево во негово и во име на Собранието го честиташе националниот празник Денот на Републиката – 2 Август.

– Дозволете ми од името на претседателот на Собранието, почитуваниот Талат Џафери, кој поради здравствени причини не е во можност да се обрати денес тука, и на кого јас му посакувам што побрзо закрепнување, во мое лично име и од името на Собранието, на сите наши граѓани, во и надвор од границите на државата, да им го честитам Денот на Републиката од славниот Мечкин Камен, еден од спомениците на Крушевската Република и сведоштво за едно херојско востание – рече Мисовски.






Тој на почетокот од своето обраќање изрази почит и благодарност за исклучителната професионалност, посветеност и несебичност што здравствените работници ја покажаа изминатиот период.

– Вие почитувани граѓани, без оглед на премрежјата и кризите, без оглед на различностите, не дозволивте да се наруши духот на заедништво, соживот и толеранција и вие, токму вие имате огромен удел во одржувањето на овој ритам и оваа напредна ориентација, а ние сме сите подеднакво одговорни за подемот и за застојот во развојот на државата. И затоа, денес, кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, изразувам восхит за нивната храброст, мудрост, визија и пожртвуваност – истакна потпретседателот на Собранието.

Сите ние, нагласи, сме наследници на Илинден, затоа што веруваме дека тоа и во иднина ќе биде најдобриот и вистински концепт кој што ги опфаќа заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

Поврзани содржини