Мисајловски смета дека не треба да се бојкотираат локалните избори, убеден е во победа на ВМРО-ДПМНЕ
Не треба да има бојкот на локалните избори, за тоа што јас сум убеден дека ќе имаме многу победи во многу градови во Македонија. И убеден сум во победата на ВМРО-ДПМНЕ и расположението е такво, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во гостување на Сител.
Тој додаде дека штета е што се поигруваат од власта со Законот.
– Зборувам за оној Закон каде што убаво стои во Изборниот законик дека треба да се набават апаратчиња за отисок за овие избори. Има доволно време. Секој граѓанин кога ќе отиде на следниве локални избори, во Законот е поставено дека власта мора да ги набави овие апаратчиња за отисок и на таков начин да се гласа. И во тоа сите партии се сложни. И тоа не е пречка. Пречка е што не е почната постапката – нагласи Мисајловски.
Тој посочи дека има средства овие апаратчиња за отисок да се набават.
– Но, ако власта ова не го направи, значи тие се спремаат за фалсификат. Е, тоа е проблемот. И тоа прашање треба да биде во јавност кренато, но ако Албанија може за три месеци да ги набави, ние имаме повеќе од три месеци и сето тоа може да биде средено – истакна Мисајловски.