МИС ЈАМАЈКА ПРЕТРПЕЛА ФРАКТУРА И КРВАРЕЊЕ ВО ГЛАВАТА Убавицата која падна од сцената на Мис Универзум ќе биде вратена дома со медицинска помош
Мис Јамајка,Габриел Хенри, претрпела фрактура, крварење во главата и голем број други сериозни повреди откако падна од сцената за време на прелиминарниот натпревар за Мис Универзум на 19 ноември.
Претставничката на Мис Универзум од Јамајка, д-р Габриел Хенри, беше хоспитализирана откако падна од сцената за време на претставувањето на убавиците во вечерни тоалети, на прелиминарните избори за Мис Универзум на 19 ноември.
Убавицата при падот претрпела фрактура, крварење во главата и голем број други сериозни повреди.
Повеќе од три недели по инцидентот, Организацијата за Мис Универзум и нејзиното семејство потврдија дека таа ќе биде вратена дома во Јамајка со медицинска помош, објавува „Пипл“.
Организацијата за Мис Универзум објави соопштение во име на семејството на Габриел Хенри за да ја разјасни нејзината состојба.
– Д-р Хенри претрпе сериозен пад низ отворот на сцената додека одеше по пистата за време на прелиминарниот натпревар на 19 ноември 2025 година, што резултираше со интракранијално крварење со губење на свеста, фрактури, посекотини на лицето и други значајни повреди. Таа веднаш по падот беше префрлена на единицата за интензивна нега во Бангкок, каде што остана во критична состојба под постојан невролошки надзор – се вели во соопштението.
Таму се вели и дека нејзината состојба продолжува да бара 24-часовен специјалистички надзор и дека ќе биде вратена дома во наредните денови во придружба од целосен медицински тим и ќе биде префрлена директно во болница за понатамошно лекување и закрепнување.
Организацијата на изборот за Мис Универзум потврди дека ги покрила сите нејзини болнички, медицински и рехабилитациски трошоци во Тајланд, како и трошоците за сместување и живот за нејзините мајка и сестра кои престојувале кај неа. Организацијата, исто така, го финансира летот за враќање под медицински надзор организиран од болницата и се обврзала да ги покрие сите идни медицински трошоци што произлегуваат од овој инцидент.
Семејството изрази длабока благодарност за „непоколебливото сочувство, присуство и покажана љубов“.
Сепак, прашањето за одговорноста за падот стана предмет на дебата. Една недела по финалето, Мис Хаити, Мелиса Сапини, изјавила за списанието „Пипл“ дека персоналот на изборот за убавина ја обвинил повредената Хенри за инцидентот.
– Првото нешто што го кажаа беше дека тоа се случило затоа што таа не обрнувала внимание додека чекорела по сцената – рекла Сапини.
Во неодамнешна изјава, Организацијата силно ги негираше ваквите обвинувања.