Мирот секогаш е добра вест
После Украина, земјите на Европската унија се најголемиот губитник во оваа прокси-војна. Затоа европските лидери и бирократи кон мировниот план на Трамп, кон збунетиот Зеленски и кон земјата жртва се однесуваат како во онаа народната - татко ја дава, село не ја дава. Да се надеваме дека желбата за мир овој пат ќе ја совлада таа хипокризија.
Прокси-војната меѓу Западот и Русија се приближува кон својот неизбежен крај. Планот на Трамп од 28 точки, кој веројатно ќе претрпи извесни модификации во текот на преговорите во Женева и подоцна, покажува дека Украина е таа што ќе го плати најголемиот цех на војната со Русија.
Не е преголема мудрост да се каже дека не беше тешко да се предвиди ваков исход на конфликтот што почна со планот на Бајденовите јастреби и на амбициозните европски бирократи и „прогресивисти“ за блиц-криг прием на Украина во европската воена алијанса и со робустната воена операција на Москва за да се спречат тие намери. Иако и големиот Кисинџер во 2023 година практично се откажа од својата централна теза дека Украина не треба да се приклучи кон НАТО, уште од почетокот на војната е јасно дека одржлив мир во тој регион е можен само со напуштање на идејата „Украина во НАТО“ и со враќање на кревката рамнотежа на теренот воспоставена со договорите во Минск од 2014-2015 година.
Териториите кои со тие договори пред една деценија станаа автономни области под руска доминација – сега голем дел од нив окупирани од руската армија – дефинитивно ќе ѝ припаднат на Москва. Ќе се преговара за деталите на разграничувањето и секогаш треба да се има на ум дека ѓаволот се крие имено во деталите. Но, извесно е дека тоа ќе биде пленот на победникот и суровата казна за поразениот.
И Трамповиот план и европските коментари на тој план се едногласни дека Украина нема да биде дел од НАТО, но можеби ќе стане членка на ЕУ. Ова второво ќе се случи ако сите земји членки на Унијата го прифатат тој тежок товар. Бидејќи сурова реалност е дека ЕУ со Украина веќе нема да може да биде оваа Унија со сегашната архитектура, со сегашната распределба на заедничкиот буџет и со сегашниот начин на одлучување.
САД на Трамп ќе профитира од обновата на Украина, а земјите членки на ЕУ ќе го платат тој потфат. Скапо ќе го платат. Таква беше и идејата на Бајден, да не се лажеме. Само што Бајден ќе остане запаметен како американски претседател што ја почна оваа војна, а Трамп можеби ќе биде славен како миротворец.
Путин ќе се помири со ваков крај на војната. Планот за мир тој ќе може да го прикаже како финален успех на воената операција што ја водеше со променливи и не баш спектакуларни резултати на фронтот. Украина се покажа потврд орев одошто очекуваше Кремљ.
Впечаток е дека Зеленски се помирил со капитулацијата. Можеби се договорил како да си ја спаси кожата откако ќе ги изгуби следните избори во Украина, кои исто така се дел од мировниот план.
САД и Русија ќе воспостават нова рамнотежа во нуклеарното вооружување, а Русија ќе се врати во глобалната економија.
Преостанува уште европските лидери и бриселските бирократи да се помират со фактот дека оваа непотребна и штетна војна мора да заврши со мир. Тие сега кон мировниот план на Трамп, кон збунетиот Зеленски и кон земјата жртва се однесуваат како во онаа народната – татко ја дава, село не ја дава. Тоа е така, зашто после Украина, земјите на ЕУ се најголемиот губитник од оваа прокси-војна. Најмоќните земји на ЕУ се во длабока криза: енергетска, економска, развојна, политичка, популациона, имиграциска, цивилизациска. На сегашните европски лидери црно им се пишува во следните изборни циклуси во нивните земји.
Не се осмелувам и јас, како професорот Денко Малески, на пример, да предвидам дека Германија би можела да биде следната голема европска земја (после Велика Британија) што ќе ја напушти ЕУ, но нема сомнение дека ликот, расположението и капацитетите на Старата дама денес веќе се драстично изменети, до непрепознатливост каква што носат само брзото стареење и опаѓањето на силата и на духот. Верувам дека кога денес за ЕУ зборуваме ние што не сме дел од тоа семејство, зборуваме прилично наивно и неуко, за ентитет што веќе не постои во обликот што ние го паметиме или го замислуваме.
Како и да е, таа расправа – за нашето разбирање на ЕУ – е сосема ирелевантна. Глобалните појави и трендови постојат независно од нашата перцепција за нив.
Можеби ќе се осмелам во прво лице множина да зборувам за нашите очекувања и надежи уште оваа недела да се обзнани конечен, или барем извесен крај на војната што можеше да ескалира во светски конфликт со несогледливи последици, во нуклеарен армагедон. И ќе се осмелам и во ваше име да кажам дека очекуваме добри, а не лоши вести од Женева. Очекуваме и посакуваме мир во Украина. Мир меѓу Западот и Русија. Мир во Европа и во светот.
Можеби ние што зборуваме вака изгледаме смешно и патетично. Како кандидатка за мис на светот, запрашана од водителот на шоуто која е нејзината најголема желба, а таа со насмевка од 32 заба одговара – мир во светот.
Сепак, момата е во право. Нејзиниот морален дискурс е посилен од оној на главните актери на прокси-војната, кои прифаќаат мир само од страв и од себични причини, а ние стравуваме да не би уште еднаш да тргнат по умот на оние за кои мирот е лоша вест. Зашто, има и такви, да се разбереме. И моќни се.
Но, мирот секогаш е добра вест. А добрите вести победуваат.