📽️ 📷 МИРОТ МОРА ДА БИДЕ ПРАВЕДЕН ЗА ДА БИДЕ ТРАЕН Мицкоски се сретна со Зеленски во Минхен
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и порача дека мирот мора да биде праведен за да обезбеди стабилна иднина за Европа. Остварена и средба со Ричард Гренел.
Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на престојот во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на која фокусот бил ставен на безбедносните предизвици во Европа и можностите за праведен и одржлив мир.
Двајцата лидери разговарале за потребата од европско единство и солидарност во услови на војна и глобални турбуленции, како и за продлабочување на билатералната соработка.
– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда и почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир – изјави Мицкоски по средбата.
На разговорите било отворено и прашањето за економската размена и поддршката во процесите на напредок на државите, при што, како што истакнал премиерот, „напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба“.
Средба и со Гренел
Претходно, Мицкоски во Минхен се сретна и со Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии.
Премиерот оцени дека станува збор за продуктивна средба со одлична дискусија, при што биле потенцирани стратешките односи со САД како темел на стабилноста и економскиот развој на земјава.
– САД остануваат нашиот најголем поддржувач и стратешки партнер. Во време на глобални предизвици, зајакнувањето на ова партнерство е од клучно значење за нашата национална безбедност и економски напредок – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека се гради партнерство засновано на взаемна почит, економска соработка и заедничка посветеност на мирот и стабилноста.