МИРЕН СОН ПОД ЛЕТНИТЕ ЅВЕЗДИ Лесни ритуали за топлите ноќи!

Да го направиме летниот сон поудобен и поубав, со пет едноставни трикови

41

Летото е како долг, неодолив филм под отвореното небо – деновите траат вечно, ноќите се топли и полни со ѕвезден сјај, а воздухот мириса на слобода и лубеница!

Сè повикува на уживање: од безгрижни разговори на тераса до заспивање под шепотот на брановите ако сте на некоја плажа. Но, баш тие волшебни ноќи знаат и да бидат жешки – буквално!






Затоа, да го направиме летниот сон поудобен и поубав, со пет едноставни трикови:

1. Освежете ја спалната соба и изберете лесна постелнина

Пред спиење, проветрете ја просторијата и затворете ги завесите за да ја задржите свежината.

Ако е можно, користете вентилатор или лесен климатизер со умерена температура (не под 24°C) за да не ја претворите собата во фрижидер и запалете по некое убаво миризливо стапче за приспивна атмосфера.

Памучните или ленените чаршафи се совршени за лето – лесни се, дишат и не задржуваат топлина.

2. Млак туш

Топлото тело тешко се смирува. Брз, млак туш со миризливa купка пред легнување ќе ви помогне да го ублажите внатрешниот „жар“ на денот и ќе ви донесе пријатно чувство на свежина.

Телото ќе ви се заблагодари, а сонот ќе пристигне побрзо отколку „уште пет минути на Инстаграм“.

3. Лесна вечера и чај за добра ноќ

Без мрсно и без алкохол – вечерите се за лесни оброци и уште полесни мисли.

Заборавете на грицките од навика и наместо тоа, изберете лесен органски оброк, што го гали стомакот, а не го оптоварува.

Мала салата со свежа зелка и јогурт, печен зеленчук или тост со авокадо – доволно е за ситост, без тежина.

За длабок и сладок сон, витаминот Б и чајот се сигурна формула.

4. Медитацијата за заспивање

Исклучете го телефонот и вклучете се себеси: медитацијата може да биде вашиот најдобар сојузник.

Со нежни водени насоки, тивка визуелизација и длабоко, смирувачко дишење — таа го успорува пулсот и го префрла телото во состојба на длабока релаксација.

Како да притиснете „ресет“ по напорен ден. Само тивки 10 минути пред спиење – без екрани, без обврски, без врева можат да бидат доволни за да се разбудите наутро со свежина, лесно тело и посмирен ум.

5. Спиење под ѕвездите? Зошто да не?

Ако имате балкон, двор или дури и голем прозорец што гледа кон небото – направете си мини летен камп.

Душек, лесно ќебенце, тивка музика во позадина, и неколку миризливи свеќи или ламбички за амбиент и уживајте во магијата на ноќта.

Ваквите мали ритуали го хранат духот и го смируваат умот-совршен рецепт за мирен сон.

Летото може да биде совршен сојузник за поинаков, побавен ритам и поубав сон – само ако му дозволите.

Со малку креативност и грижа, вашата вечерна рутина може да стане најсаканиот дел од денот.

Подгответе ја атмосферата, изгаснете го светлото, слушајте го телото и бројте ги ѕвездите и… соништата нека започнат!

 

 

Поврзани содржини