МИР Е МОЖЕН САМО СО НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК Близок соработник на Путин објаснува што сака Русија
Што би значел нов светски поредок и зошто Русија и Кина би сакале да го сменат сегашниот? Како што тие гледаат на работата, светот беше „униполарен“ од крајот на Студената војна, па сè до пред неколку години кога влијанието на САД почна да слабее, пишува статија на ФајненшлТајмс. Повлекувањето на Американците од Авганистан беше настан не помалку значаен од падот на Берлинскиот ѕид, а оттука па натаму светот ќе биде „мултиполарен“.
Русија ќе биде незадоволна сè додека „не се воспостави нов светски поредок во кој САД се послаби и нивната улога е намалена“, а конфликтот во Украина е обид „САД да ја истурка Русија до своите периферии“ и „да ја потчини Европа“. Вака говори Алексеј Пушков, висок соработник на претседателот Владимир Путин. Тој не ја исклучува можноста за воен конфликт, а дури вели дека следната фаза може да биде и конфликт со Кина, пишува РусијаДенес.
– САД се хегемон кој постепено ја губи својата позиција во светот. Тие претрпеа многу сериозен пораз на Блискиот Исток, ја загубија Сирија, ја загубија битката за Авганистан, беа принудени да ги повлечат речиси сите свои војници од Ирак на крајот на 2021 година – вели Пушков, кој беше претседател на Комитетот за надворешни работи на Државната дума.
Сето ова се совпаѓа со неодамнешните руски барања НАТО да се врати на границите од 1997 година, односно да се повлече од Источна Европа како дел од преговорите за кризата во Украина.

Но, што би значел новиот светски поредок и зошто Русија и Кина би сакале да го сменат? Како што тие гледаат на работата, светот беше „униполарен“ од крајот на Студената војна, па сè до пред неколку години кога влијанието на САД почна да слабее, пишува статија на ФајненшлТајмс. Повлекувањето на Американците од Авганистан беше настан не помалку значаен од падот на Берлинскиот ѕид, а оттука па натаму светот ќе биде „мултиполарен“.
– САД повеќе не нè третираат како секундарна сила. Тие нè третираат како најголема сила, поради што ја наведуваат Русија, а не Кина, како еден од главните проблеми со кои се соочува администрацијата на Бајден во 2022 година – вели Пушков предупредувајќи дека оваа ќе биде „година на криза меѓу Вашингтон и Москва“.
Според него, американската политичка и финансиска елита „верува дека тие се единствените кои можат да управуваат со светот“ и дека немаат намера да дозволат некој друг да го преземе кормилото.

Светот беше униполарен сè до годинава?
„Униполарност“ значи дека, по распадот на Советскиот Сојуз, светот остана со само една суперсила – САД. Фјодор Лукјанов, руски надворешнополитички мислител кој е близок со претседателот Путин, верува дека униполарноста „им даде на Соединетите држави способност и можност да прават сè што им одговара на светската сцена“.
Тој тврди дека новото доба на американската хегемонија беше воведено со војната Заливската војна во 1991 година. Потоа следеа војните во Босна и бомбардирањето на Белград.
Бомбардирањето беше доволен аргумент за Русија да тврди дека НАТО не е само одбранбен сојуз. Од друга страна, Кинезите не го заборавија фактот дека бомбите на НАТО во 1999 година ја погодија и кинеската амбасада во Белград.
Излегувањето од Авганистан е како падот на Берлинскиот ѕид
По терористичките напади на 11 септември на Њујорк и Вашингтон, НАТО се повикаа на членот 5, неговата клаузула за заемна одбрана, и САД го нападна Авганистан. Тогаш повторно, според Лукјанов, Америка ја покажала својата волја и способност „насилно да го трансформира светот“.
Но, поразот на Америка во Авганистан, симболизиран со хаотичното повлекување од Кабул минатото лето, им даде надеж на Русите дека светскиот поредок предводен од САД се распаѓа. Лукјанов тврди дека падот на Кабул под талибанците бил „не помалку историски и симболичен од падот на Берлинскиот ѕид“.

Истокот се крева, Западот опаѓа
Влијателни кинески академици размислуваат слично како руските. Јан Ксуетонг, декан на училиштето за меѓународни односи на Универзитетот Цингхуа во Пекинг, пишува дека „Кина верува дека нејзиното издигнување до статус на голема сила ѝ дава право на нова улога во светските работи – онаа што не може да се помири со несомнена доминација на САД“.
Исто како Лукјанов, Јан верува дека „светскиот поредок предводен од САД избледува. На негово место ќе дојде мултиполарен поредок“. Самиот претседател Кси го кажа тоа уште попрецизно со неговото често повторувано тврдење дека „истокот се издигнува, а западот опаѓа“.
Конфучијанизмот, колективизмот и хибридниот идентитет
За Русија и Кина, создавањето на нов светски поредок не е само прашање на сурова моќ. Тоа е и битка на идеи. Додека Западот ја промовира идејата за универзални човекови права, руските и кинеските мислители даваат аргумент дека на различните културни традиции и „цивилизации“ треба да им се дозволи да се развиваат на различни начини.
Во Кина, различниот пат е спојот меѓу конфучијанизмот и колективизмот, идејата дека во Кина, секогаш побитно ќе биде заедничкото добро, отколку правата на поединецот. За Русите, пак, тоа е „хибридниот идентитет“ меѓу Истокот и Западот, кој според Сурков, Русија го попримила обидувајќи се да стане дел од Западот, но никогаш целосно не се втопила во тие вредности.