Министрите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за мерката на Заев за кастрење на платите

Тие пари нема некој да ги стави во џеб, напротив ќе одат за државата да се справи со коронавирусот. Со таква мерка губи и СДСМ, но државата добива. Тој што е против ќе треба да понуди аргументи зошто е против мерките и да понуди подобри, вели фунционерот од СДСМ.

12,010

Мерките за заштита на економијата од штетите кои ќе ги предизвика ситуацијата со коронавирусот, а кои вчера ги предложи до владата лидерот на владеачката СДСМ, Зоран Заев, најверојатни нема да добијат поддршка ни од владините партнери, ни од министрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада. Сите реагираат на кастрењето на платите на административците, особено на мерката просветарите да добиваат минимална плата од 14.500 денари во април и во мај.

Од СДСМ велат дека пакет-мерките ќе одат на влада, за нив ќе се дискутира, а на владините партнери и на ВМРО-ДПМНЕ им порачаа ако имаат подобар предлог, да го достават.






Од ДУИ за Плусинфо велат дека нивните министри нема да гласаат за пакет-мерките предложени од Заев. ДУИ смета дека кризата треба да се реши во рамки на институциите, а не во партиските седишта.

– ДУИ смета дека сите мерки за менаџирање со кризата, вклучувајќи ја и солидарноста и колективната одговорност треба да се направат со консензус од сите страни и за доброто на граѓаните. Нашата земја се наоѓа во вонредна состојба, но има институции и сите работи за менаџирање на ситуацијата треба да се носат од надлежните институции. Сите релевантни партии, СДСМ, ВМРО и ДУИ се дел од владата и заедно ја делат одговорноста за мерките што се преземаат после дискутирањата и најдобрите оценки на нашите партиски претставници во владата во консултација со експертите. Сметаме дека кризата треба да се реши во институциите, а не во партиските седишта – велат од ДУИ.

Од таму додаваат дека мерките ќе ги презентираат преку нивниот економски тим во институции.

– ДУИ ќе продолжи да се грижи за државата, јавното здравје, администрацијата, приватниот сектор и за сите граѓани – велат од партијата на Али Ахмети.

И од Алтернатива на Африм Гаши велат дека нема да поддржат мерки кои се штетни за граѓаните.

– Ниту една партија, без разлика дали е таа протагонист на владата, не смее да се однесува дрско против јавните финансии и да предложи мерки што ќе бидат владини мерки, без согласност на други партнери во владата. Овие се тешки денови за сите нас и тие бараат внимателност и консултација, и тие не трпат протагонизам, протекционизам или глупости. Не треба да размислуваме ниту да преземеме мерки за да предизвикаме финансиски кратења кај нашите граѓани што може да го загрози нивниот опстанок. Нема да поддржиме каква било мерка коишто се штетни за граѓаните – велат од Алтернатива и додаваат дека до владата ќе достават финансиски мерки.

Ако се суди според реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, извесно дека мерките предложени од СДСМ нема да добијат виза ниту од партијата на Христијан Мицкоски. Според партијата, Зоран Заев не смее да прибегнува кон наједноставното и најболно решение, а тоа е да се удри по џебот на најсиромашните.

– Намалувањето на платите на работниците и сведувањето на целата администрација на минималец ќе значи дека едно четиричлено семејство кое и досега едвај врзувало крај со крај и не успеало да заштеди средства, сега нема да може ниту да се прехрани. Постои сериозна опасност од катастрофални економски последици како резултат на коронавирусот. Македонската економија се движи на опасна територија, ниту еден македонски граѓани не смее да остане без приход – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Против кастрење на платите на административците е и Алијансата за Албанците на Зијадин Села. Според нив, вработените во јавната и државната администрација, наставниците во средните и основните училишта се со најниски плати и нивниот месечен приход е под нивото на потрошувачката кошничка и ова ќе биде неподнослив товар за таа категорија.

– Со оглед на конкретизирање на мерките, предлагаме приходите до 30.000 денари да останат непроменети, а приходите над 30.000 денари да паднат на минимална плата за април и мај. Оние кои имаат солидна плата имаат дополнителна можност да ги надминат следните 60 дена – велат од Алијансата.

Висок функционер на СДСМ за Плусинфо вели дека тие предложоле мерки, за нив ќе се дискутира на влада и им порача на владините партнери ако имаат подобар пакет-мерки да го достават.

– Од сетот од 15 мерки сите се фаќаат само за мерката која предвидува минимална плата за административците за април и за мај. ДУИ веднаш рипна во одбрана на административците, за на избори да не изгуби гласачи. Станува збор само за два месеца. Тие пари нема некој да ги стави во џеб, напротив ќе одат за државата да се справи со коронавирусот. Со таква мерка губи и СДСМ, но државата добива. Тој што е против ќе треба да понуди аргументи зошто е против мерките и да понуди подобри – вели фунционерот од СДСМ.

Заев вчера предложи пакет мерки тешки 200 милиони евра за справување со штетите од коронавирусот. Најмногу револт предизвика мерката целиот јавен сектор да оди на минималец од 14.500 денари во наредните два месеца.

 

Поврзани содржини