Министрите ќе се акаат во Мексико и во Дубаи, а нас ќе нѐ затворат дома, како да сме Северна Кореја!
И додека македонската влада глуми „патриотизам“, од кој може да се офајдат само туристичките работници во соседна Албанија, Србија го реши проблемот за влез на нејзините граѓани во Грција. Министрите на двете земји постигнаа договор да се прифатат руските и кинеските вакцини за српските туристи, а за децата до 10 години да не биде потребен ПЦР-тест. Исто така, граѓаните на Србија ќе можат да влегуваат во Грција преку Македонија и Бугарија.
Наместо да бара решенија за слободно движење на граѓаните и да најде начин како да почне да работи целиот туристичкиот сектор, министерот за економија Крешник Бектеши, по урнек на тоталитарниот режим на Ким Јонг Ун во Северна Кореја, се обидува граѓаните да ги затвори дома, а бизнисите да ги натера да се затворат сами, зашто, со домашен туризам нема да преживеат уште една година.
Вака реагираат граѓани, туристичките работници и аналитичари, по вчерашната изјава на министерот, во која тој вели дека нема билатерални разговори со Грција за да можат граѓаните да патуваат и да одмораат таму, бидејќи владата планира тие да останат дома и да се одмораат во домашните одморалишта. Многу луѓе сметаат дека неговата изјава е крајно аматерска, нелогична и несоодветна, во услови кога еден економски сектор се бори да преживее, а граѓаните предолго се затворени дома поради коронакризата.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави:
– Што се однесува до преговорите со Грција, ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи предвид дека интерес на секоја држава е да поттикне што повеќе туристи кај себе, односно во Северна Македонија, како што е целта на Министерството за економија и за тоа ќе продолжиме да спроведуваме мерки за поттикнување на странските туристи, но и на нашите домашни туристи, да ги посетат нашите туристички дестинации.
Најголем револт има кај граѓаните кои лани уплатија аранжамани за Грција и во други земји и се надеваа дека со помош на државата ќе успеат да ги искористат ваучерите, или да ги добијат парите назад.
– Ова е крајно понижување за нас, кои со месеци чекаме да ни се вратат парите, или да добиеме шанса да летуваме годинава. Тоа не се однесува само на Грција, има граѓани кои уплатиле аранжмани за други дестинации и сите извисивме. Добивме ваучери кои ништо не ни значат. Сега, кога се понадевавме дека можеби со тест или со вакцина ќе може да ги искористиме тие пари, министерот ни вели одете во Охрид. Па да, бевме лани во Охрид, одиме секој викенд и кога ќе посакаме, но нашите пари останаа во Грција, Шпанија, па и во Мексико и во Дубаи, кои сега се актуелни за министрите, ама и кај туристичките агенции за аранжмани. Кој ќе нѐ обештети нас за да ги потрошиме тие пари во Преспа, на пример, каде што нема ниту вода да се разладиме? – вели гневна граѓанка, која поседува ваучер од лани за еднонеделен престој во Грција.
За неа е чудно што министерот наместо да ги руши бариерите и да им овозможи патување на граѓаните во светот, ги тера да седат дома.
– Зарем ќе ни наложи како оној севернокореецот и да не комуницираме со странци? Мое право е да бидам слободна и слободно да изберам каде ќе се одморам, а не некој министер да ми кажува што да правам! – револтирано вели таа.
Туристичките работници сметаат дека министерот за економија дал нелогична изјава, со која се определил да го помага само хотелиерството, но не и туризмот.
– Ваквата изјава не го охрабрува туристичкиот сектор, кој 90 отсто од аранжманите ги прави во Грција и еве, втора година едвај преживува. Да не заборавиме дека лани пропаднаа и аранжманите за други земји – Франција, Шпанија… Дали и со овие земји нема да се преговара? Може да се рече дека изјава е во прилог на домашните хотелиери, но се прашувам дали е и за нив, или во прилог на некоја соседна земја? – вели Дончо Нацевски.
Тој смета дека Бектеши со ваквата изјава го погази она што го направи изминатиот период за туристичкиот сектор и непотребно ги разгневи туристичките работници.
– Убаво е да слушневме дека се преговара со Грција, ако не за туристите кои би оделе таму, барем за тоа грчките хотелиери да ни ги вратат парите. Во вакви услови, кога нема разговори на државно ниво или на ниво на комори, туристичките агенции тешко ќе ги вратат парите заглавени кај грчките хотелиери. Посебно агенциите кои немааат никави договори или кои немаат нотарски заверен договор. Тие пари грчките хотелиери можат и да не ги признаат. Да не зборуваме за договорите направени усно и со исплатени пари на рака. Затоа сметам дека државата мора да преговара со Грција и да направи цврсти договори и процедури кои ќе бидат обврска на двете страни. Друго прашање е дали навистина Грција ќе ги отвори вратите за туристи од трети земји, без соодветен амин од Европската унија – вели Нацевски.
Да не заборавиме, додава тој, за тоа дека агенциите од домашниот туризам скоро и да не заработуваат, бидејќи граѓаните кои сакаат да летуваат во земјата директно преговараат со хотелите и резервираат.
– Нашата заработка е од странските туристи кои ги носиме во земјава и од престојот на нашите туристи во странство. Еве за пример, лани од 10.000 ноќевања направени во домашните хотели со домашни туристи, мојата агенција едвај покри две плати. Каде се другите трошоци? – вели тој.
Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, вели дека министерот за економија дал премногу патриотска изјава.
– Не знам што сака да постигне, но сметам дека министерот даде премногу патриотска изјава, на која треба да му се лутат Грците, а не граѓаните на земјава. Сепак, дури и да се почнати или да почнат некакви преговори за овозможување летување во Грција, мислам дека би биле прерани и беспедметни. Во земјава не е почната вакцинацијата, а соодветсвено на тоа граѓаните немаат ни вакцинални пасоши. Србија е нешто друго таму имунизацијата е во поодмината фаза. Отакако ќе почне масовното вакцинирање може да се размислува и за некакви договори – вели Муслиу.
Но, познавачите велат дека не е баш така како што зборува Муслиу:
– Во ЕУ веќе се договара режим на патувања со вакцинални пасоши, со ПЦР тестови, но и со доказ за присуство на антитела како последица на прележан ковид-19. Многу е важно Македонија да не чека и да почне да разговара и да преговара со сите земји кои се традиционални дестинации за македонските туристи, со Грција, со Бугарија и со други европски земји. Како што сега тргнале работите, туристичката сезона ќе ја затекне владата неспремна. Инаку, тезата дека со изолација ќе се развивал домашниот туризам е смешна. Граѓаните на земјите со најразвиени туристички капацитети и најголеми приходи од туризам се и најголеми посетители на странски туристички земји. Ако сакаш да ти дојдат на гости, треба и ти да одиш на гости – вели повозрасен скопјанец, поранешен работник во туристичкиот сектор.
Партијата Демократкси сојуз, пак, тезите кои ги изложи во изјавата Бектеши ги спореди со оние на режимот на Северна Кореја.
– Таквите тези се својствени само за Северна Кореја. Обврска на министрите е да бараат решенија за слободно движење на граѓаните, капиталот и идеите, а не да нѐ затворат во рамките на Македонија. Граѓаните очекуваат проактивна дипломатија и членовите на Владата да ги рушат бариерите, а не да создаваат нови – велат од Демократскиот сојуз.
И додека македонската влада глуми „патриотизам“, од кој може да се офајдат само туристичките работници во соседна Албанија, Србија го реши проблемот за влез на нејзините граѓани во Грција. Министрите на двете земји, Харис Теохарис и Татјана Матиќ, постигнаа договор да се прифатат руските и кинеските вакцини за српските туристи, а за децата до 10 години да не биде потребен ПЦР-тест. Исто така, граѓаните на Србија ќе можат да влегуваат во Грција преку Македонија и Бугарија.