Министерството за здравство контра ВМРО-ДПМНЕ: Смртноста од ковид-19 во земјава е под светскиот просек

Ако од вкупната бројка на починати од ковид-19 се изземат позитивните резултати постмортем, стапката на смртност во земјата би била уште пониска, се вели во соопштението.

726

ВМРО –ДПМНЕ упорно пласира во јавноста тези дека процентот на смртност во нашата земја е далеку над останатите земји во регионот, европскиот и светскиот просек, наведено е во соопштението на Министерството за здравство.

„Смртноста од ковид-19 во земјава не е највисока во регионот и таа не се смета според бројот на жители, туку според бројот на заразени. Процентот на смртност од вкупниот број потврдени со ковид -19 во РС Македонија изнесува 5.8%, а со повисок процент на смртност во регионот се Словенија со 7.3%, Босна и Херцеговина со 6.2%, Грција со 6.0%. Процентот на смртност во нашата земја е под светскиот просек кој изнесува 6.17% и далеку под европскиот просек кој изнесува 8.75%. Ако се земат предвид процентите на високо-развиените европски земји како што се, Белгија со 16.26%, Франција со 15.63%, Италија со 14.31%, Велика Британија со 14.02% и Шведска со 12.03%, Република Северна Македонија има два до три пати помала стапка на смртност“, се вели во соопштението.






Таму се додава и дека Македонија е земја која зема постмортем брисеви на лицата кои починале со симптмоматологија на болеста.

„Ова е одговорна стратегија затоа што на овој начин се изолираат контактите на починатиот и се превенира понатамошно ширење на епидемијата. Ако од вкупната бројка на починати од ковид-19 се изземат позитивните резултати постмортем, стапката на смртност во земјата би била уште пониска“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини