Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки одржан во учебната 2020/2021 година, на ученик во средно образование и на наставникот кој го подготвувал за натпреварот.
За прво освоено место МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 50 отсто од просечната нето плата ,
–Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања – се наведува во јавниот повик кој МОН го објави на својата веб-страница.
За меѓународен нема да се смета натпреварот по математика „Кенгур” и МОН нема да доделува парична награда за освоени први, втори или трети места за овој натпревар, кој го организира Сојузот на математичарите на Република Македонија и е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”. МОН не доделува парична награда ниту за освоени први, втори или трети места на меѓународни натпревари кои се организираат преку онлајн-аплицирање и меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти.
Во објавениот повик се достапни информации за условите и начинот на аплицирање, бодирањето и рангирањето, потребните документи, како и пријавата што треба да се достави со нив. Повикот е отворен и пријави може да се доставуваат до 31 август 2021.
Покрај овој, МОН објави повик и за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad) – на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата.
Министерството за образование и наука ќе додели, поединечно, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата, парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци.
Во овој повик објавен на веб-страницата на МОН се наведени условите и начинот на аплицирање, достапна е и пријавата, а рокот е, исто така, до крајот на август годинава