Министерството за економија ги повлекува на доработка измените на Законот за минерални суровини
Од Министерството велат дека при доработката ќе се направи усогласување со забелешките изнесени во барањето на Алијанса на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“
Министерството за економија ќе и предложи на Владата да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен до Собранието по скратена постапка, за да го доработи, соопштија оттаму.
Од Министерството велат дека при доработката ќе се направи усогласување со забелешките изнесени во барањето на Алијанса на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“ кое што беше доставено до Министерството за економија, тврдат дека дел од забелешките и толкувањата на изменит се нецелосно разбрани од Алијансата.
– Со Предлог-законот не е изземена документацијата која треба да се достави кон барањето за експлоатација, а која беше дополнета со Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини од 2019 година, а истата е ставена како задолжителна документација кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација и кон членот со кој е уредена финансиската гаранција – велат од Министерството.
Исто така, додаваат оттаму, процената за деградирање на земјиштето, рекултивацијата и ремедијата на земјиштето, како и планот за управување со отпад се уредени во документацијата која се доставува кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација (главен рударски проект, решението по студијата/елаборатот за животна средина, план за управување со отпад) и за таа цел и финансиската гаранција е предвидена да се достави непосредно пред издавањето на дозволата за експлоатација.
Од Министертвото тврдат дека постапката за доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал не е изменета, а се дополнува и со одредби за донесување на одлука за одбивање на барањето за доделување на концесија за експлоатација во случај кога е добиено негативно мислење од некоја од институциите кои согласно Законот се задолжени да дадат мислење.
– Министерството за економија оваа година ќе започне постапка за изработка на проектна документација за изработка на Стратегија за за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини со која ќе се процени потребата и динамиката за издавање на концесии за минерални суровини на конкретни региони – додаваат од Министерството за економија.
Постапката за пренос на концесија и пренос на удел не се менува, туку само се доуредува, така што надоместокот од 7%, како и потребната согласност од Владата останува.