МИНИСТЕРСТВОТО НА ГРУБИ ДИРЕКТНО ЈА ИСПЛАЌАЛО ФИРМАТА НА НЕГОВИОТ БРАТ! Опозицијата вади документи за државни исплати кон ЕТЦ Травел на Ветон Груби
Скандалозно, нечесно и несериозно е Груби да ја лаже и манипулира јавноста дека нема никаква врска со неговиот брат и неговите бизниси, а притоа државните институции со кој тој директно раководи да му исплаќаат средства – рече Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата ЕТЦ Травел ДООЕЛ Скопје, сопственост на Ветон Груби, во повеќе наврати добивала исплати од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи неговиот брат Артан Груби, тврди ВМРО-ДПМНЕ, презентирајќи документи, и бара да се испита можноста за судир на интереси и корупција кај вицепремиерот.
– Ова е документ преземен од Отворени финансии, преку кој може да се види дека од страна на Владата каде Груби е прв вицепремиер, но и од министерството за политички систем и односи меѓу заедниците каде Груби е министер, се исплаќале средства токму на ЕТЦ Травел ДООЕЛ Скопје, фирма во сопственост на неговиот брат (Ветон Груби).
Имено, во осум наврати институциите на државата односно Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, но и Министерството за економија се јавуваат како приматели на услуга кон фирмата во сопственост на братот на Груби, ЕТЦ Травел ДООЕЛ Скопје, од 2020 до 2022 година. Вкупната вредност која фирмата на братот на Артан Груби, ја добила од државата е над 1 милион денари – рече Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа обвини дека вицепремиерот Артан Груби е поврзан со фирмата на неговиот брат, која работи во угостителството и туризмот и дека Артан директно, од позиција на министер, ѝ исплаќа услуги на фирмата на неговиот брат.
– Скандалозно, нечесно и несериозно е Груби да ја лаже и манипулира јавноста дека нема никаква врска со неговиот брат и неговите бизниси, а притоа државните институции со кој тој директно раководи да му исплаќаат средства. Патем на фирмата ЕТЦ Травел ДООЕЛ Скопје чиј сопственик е братот на Артан Груби. Оваа фирма е фирма која четири години во период од 2016 до 2020 година има минусно салдо односно работи во загуба па можеби со овие трансакции се надоместувала загубата – рече Митева.
Таа вели дека ова е уште еден доказ за политичка корупција која мора да биде најстрого казнета.