МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА НЕМА ДА ГИ БРАНИ ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ВО ПАРЛАМЕНТОТ Кренар Лога не е назначен за претставник на Владата, Алијанса не учествува во пазарот?!
Со измените се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови со запретена казна од најмалку 5 години затвор.
Кривичниот законик е еден од најважните закони во една држава. Измените на овој акт секогаш предизвикуваат внимание и на стручната јавност и на граѓаните, особено ако станува збор за значајни промени во казнената политика.
Токму поради тоа зачудува фактот што министерот за правда Кренар Лога не е назначен за претставник на Владата што треба да го брани Предлог Законот за измени и дополнување на Кривичниот законик. Како што е познато, предлогот се донесува по скратена постапка и носи европско знаменце.
Претставник на Владата е Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министерка за правда. Повереник е Мухамед Точи, повереник во Министерството за правда.
Добро информирани извори велат дека отсуството на министерот Лога од „одбраната“ на овој закон може да се протолкува и како доказ дека неговата партија Алијанса за Албанците не сака да учествува во пазарењето околу законските измени.
Со овие измени се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови со запретена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.