МИНИСТЕРОТ ЉУТКОВ „БОМБАРДИРАН“ СО 800 ТУЖБИ Синдикатот ги саботира сите обиди за нов колективен договор, а обвинува за злоупотреби

Дали е во ред одредени групи да бараат поволности што не би важеле за сите вработени во културата?, прашува министерот Љутков.

207

Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на какво било работничко право загарантирано со Уставот и со закон, изјави денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков, откако Синдикатот на културата објави дека поднел кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и овластување и повреда на права од работен однос.

– Во јавноста во изминатиот период се појавија различни тврдења, инсинуации и обвинувања поврзани со мојата работа како министер за култура и туризам. Во последните денови, од страна на Синдикатот на културата беа изнесени тврдења против мене што се неточни и паушални. Сакам недвосмислено да нагласам дека како министер секогаш стојам на страната на учесниците во културата и се залагам за заштита на нивните права. Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност со законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор – нагласи Љутков.






Тој потсети дека во државава се применува Општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е уредена пресметката на плата.

– Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10 отсто од септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување, од страна на Министерството за култура било понудено склучување Анекс на колективниот договор, што Синдикатот го одбил. Па, сега Синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државава. За да ви биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто-плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на Синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто-плата да се прави на износ од 39.641 денар, што е спротивно на минималната плата објавена во согласност со закон – рече Љутков.

Тој додаде дека минималната плата за сите вработени е иста, таа е уредена со закон и јавно се објавува секоја година.

– Ако со покачувањето на минималната плата во 2025 година сите вработени во јавниот сектор добија покачување во нето-износ од 1.800 денари, вработените од установите од областа на културата добија покачување во нето-износ од 1.738 денари за најниското работно место до 4.391 денари за највисокото работно место. За какво намалување на плати зборуваме? – праша министерот.

Тој потсети дека по задолжение од Владата било изработено упатство за пресметка на платите на вработените во установите од областа на култура, коешто е во согласност со законите и предвиденото во колективните договори и каде што е вградено покачувањето од 10 отсто.

– Целта на ова упатство е да се обезбеди усогласеност со законската регулатива, транспарентна пресметка на платите, точност и континуитет во примената на методологијата и контрола врз наменското трошење на буџетските средства за плати – истакна тој.

Љутков нагласи дека во ниту еден момент и ниту со едно дејство не се прекршени работничките права ни во согласност со Уставот ни во согласност со закон ни во согласност со Колективен договор.

– Да бидам докрај прецизен, ова значеше разлики во пресметката на платите од Министерството и желбата на Синдикатот во износ од 471 до 1.330 денари по работно место во согласност со висината на платата. Односно, за да ѝ биде појасно на јавноста, ако нето-платата за највисокото работно место според пресметките на Синдикатот изнесуваше 84.896 денари, според пресметките на Министерството ваквата пресметка на нето-плата изнесува 83.563 денари, т.е. разлика од 1.333 денари. За најниското работно место, пресметката на Синдикатот изнесуваше нето-износ од 30.670 денари, а според пресметките на Министерството од 30.199 денари, или разлика од 471 денар. Тоа е основна нето-плата на вработените без додатоци на плата (минат труд, прекувремена работа итн.). Ваквата разлика резултираше со 800 тужби од вработени во културата, постапки што се во тек и не се правосилно завршени – појасни министерот.

Програмскиот буџет на Министерството годинава изнесува над 1 милијарда денари и е распределен за проекти на уметници и културни работници од сите дејности, кои во најголем дел се вработени во установите.

Љутков појасни дека Колективниот договор бил потпишан во 2019 година, а започнал да се применува од 1 јули 2020 година.

– Досега требаше да биде склучен нов колективен договор со кој уште повеќе ќе се унапредеа правата на сите чинители во културата. Но, сите обиди за преговори за нов колективен договор се неуспешни, токму поради непостоење волја од страна на Синдикатот на културата. Министерството за култура и туризам е партнер во социјалниот дијалог за гаранција и унапредување на правата на вработените во културата. За жал, партнерскиот однос изостанува од другата страна, а тоа, впрочем, и доведува до ситуации што се неповолни за сите што се вклучени, а најмногу за вработените во културата – кажа Љутков на прес-конференцијата.

Кога јавноста е збунета, додаде тој, и кога инсинуации се пласираат како факти, обврската на секој одговорен носител на функција е да ја осветли вистината – јасно, аргументирано и без прикривање.

– Напротив, мојата определба е да обезбедам праведен систем, каде што правилата важат еднакво за сите, без исклучоци и без привилегии. И токму тука се наметнуваат суштинските прашања: Дали е во ред одредени групи да бараат поволности што не би важеле за сите вработени во културата? Дали е оправдано да се инсистира на решенија што би значеле привилегии за едни, а исклучување на други? Дали е прифатливо, како што бара раководството на СКРМ, администрацијата да биде исклучена од овие решенија, а притоа да не се преземаат чекори бидејќи, како што велат тие, се плашат дека ќе се загрози бројот на нивното членство во Синдикатот? Дали поднесувањето кривични пријави служи како средство за синдикална борба или претставува начин за вршење притисок врз институциите? И конечно, дали станува збор за вистинска заштита на работнички права или за наметнување политички ставови под превезот на синдикално дејствување? – праша министерот.

Сите овие факти и прашања, рече Љутков, водат кон еден јасен заклучок, а тоа е дека јавноста не смее да се доведе во заблуда.

– Никој од вработените во културата не е обесправен, напротив, сите се третираат според законите и правилата, без исклучоци, додека привилегиите што ги бараат одредени групи се надвор од законските рамки – додаде тој.

Поврзани содржини