МИНИСТЕРОТ ЛОГА ПОВЛЕЧЕ НОГА? Албанските партии вртат како волци околу Уставот и чекаат да се отвори за да му се нафрлат
Отворањето на Уставот нема да биде само за внесување на Бугарите во Преамбулата, туку ќе биде и за исполнување на целите на албанските политички партии во земјава. Не постои нешто што партијата на Димитар Ковачевски не би прифатила само за да остане на власт, предвидува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Откако беше јавно искаран за неговите преамбициозни планови во македонскиот Устав да се внесе пакет-барања заедно со Бугарите, министерот за правда Кренар Лога, очигледно, си легна на брашното.
Како што можеше да се забележи од неговиот синоќешен телевизиски настап на ТВ21, тазе-министерот од редовите на Алијанса за Албанците веќе не ни помислува да дава предлози на своја рака, како што, на пример, беше тој со внесување на албанскиот јазик во Уставот како втор службен јазик во земјава, односно формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ да се замени со формулацијата „албански јазик“.
Лога тврди дека нема никакви недоразбирања во Владата, откако премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи остро му се спротивставија и му порачаа дека освен приоритетното внесување на Бугарите во Преамбулата, сега не е време за дополнителни интервенции во Уставот.
За дел од познавачите на приликите, ваквиот обид на министерот за правда да создаде терен за спроведување „пакет“ уставни измени, не претставува ништо друго освен евтин трик за заплашување на Македонците по секоја цена да се согласат со внесување на Бугарите во Уставот.
За други, пак, потегот на Лога претставува (не)намерен обид за зголемување на етничката нетрпеливост, на хистеријата во општеството, но и на евроскептицизмот.
Гајле им е на Албанците за Бугарите
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо вели дека потегот на министерот за правда навидум изгледа како евтин трик, а всушност, како што посочува, е индикатор на тоа дека албанските политички партии, порано или подоцна, ќе тргнат по своето.
Отворањето на Уставот нема да биде само за внесување на Бугарите во Преамбулата, туку ќе биде и за исполнување на целите на албанските политички партии во земјава. Не постои нешто што партијата на Димитар Ковачевски не би прифатила само за да остане на власт
– Очигледно е дека националните тези на албанските партии во земјава секогаш испливуваат на површина, а тие политички субјекти, кога доаѓаат на власт, веднаш престануваат да се трудат да направат нешто добро за граѓаните, туку гледаат да остварат некои националистички барања кои ќе им вродат со плод на следните избори. Втората работа е тоа што на албанските партии не им е воопшто грижа за Бугарите и за нивното внесување во македонскиот Устав, оти знаат дека штом се отвори Уставот, тогаш ќе се сменат и некои други работи во нивна корист, а на штета на Македонија. Без разлика на тоа што скокаат министрите на СДСМ, верувам дека со тек на времето ќе си спласне тоа нивно скокање и конечно ќе си легнат на брашното. Тоа е така затоа што нивните фотелји и нивните функции се најважни во целиот овој процес. Отворањето на Уставот нема да биде само за внесување на Бугарите во Преамбулата, туку ќе биде и за исполнување на целите на албанските политички партии во земјава. Не постои нешто што партијата на Димитар Ковачевски не би прифатила само за да остане на власт – објаснува Пекевски.
Аналитичарот Благојче Атанасоски вели дека е запрепастен од искажаната желба на Алијанса за Албанците преточена преку став на министерот за правда, дека кога веќе се менува Уставот треба да се избрише и формулацијата 20% и албанскиот јазик да стане втор службен и официјален јазик во Македонија.
– Отворањето на Уставот е како отворање на Пандорината кутија од која ќе излезат сите зла. Ова е многу сензитивна тема. Кога кажувате дека ќе го отворите Уставот, а тоа го правите со цел да обезбедите пратеници кои ви се потребни за двотретинско мнозинство, а притоа немате обезбедено таков политички кворум, тогаш со дополнителното вметнување пакет-барања уште повеќе ја поларизирате јавноста. Јас лично мислам дека сето тоа во најмала рака е невкусно – вели Атанасоски.
Уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е услов земјава да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ по завршување на скрининг процесот. За отворање на Уставот е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници во Собранието.
Има ли капетан на бродот?
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека нема да поддржи бришење на фразата „20 проценти“ од Уставот и негова замена со терминот „албански јазик“, рече потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски.
Тој вели дека неговата партија е секогаш отворена за да разговара за имплементација на хрватскиот модел за Преамбулата на Уставот, но не и за решенија кои наметнуваат бинационалност.
– Уставни измени под вакви услови во мандатот на ова Собрание нема да се случат и граѓаните кои со огромна бројка го поддржуваат таквиот став, воопшто нема потреба да се грижат. Во моментот нема услови за такво нешто, пред сѐ поради односот на Бугарија кон Македонија. Нашиот одговор е дециден. Во таков процес ние нема да учествуваме – коментира Муцунски.
Од најголемата опозициска партија порачуваат до членовите на Владата конечно да се договорат што сакаат.
– Министерот за правда Кренар Лога турка широки уставни измени, а премиерот Димитар Ковачевски вели дека не е запознаен. Очигледно е дека се работи за сопствен ПР, а оваа Влада нема капетан во бродот кој очигледно оди кон санта лед. Само криминал ги интересира – коментираат од ВМРО-ДПМНЕ,
Од Левица велат дека изјавата на министерот за правда Кренар Лога не е најобично кокетирање.
Не мислам дека главниот проблем на Албанците во моментов е како се заведени во македонскиот Устав, со оглед на тоа што и тие, исто како и Македонците, постојано се иселуваат во држави каде што воопшто не говорат на својот мајчин јазик
Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица, во разговор за Плусинфо забележува дека албанскиот политички блок никогаш не собрал храброст да се солидализира со македонскиот народ кога е загрозен неговиот идентитет од шовинистичките барања на соседните држави.
– Низ годините се покажа дека СДСМ ги исполнува сите барања на албанските партии, а за жал, албанскиот политички блок не најде сила да се солидализира со македонскиот народ кога е загрозен неговиот идентитет од шовинистичките барања на соседните држави. Таков беше случајот со Преспанскиот договор, а таков е и сега со Бугарија. Јас дури сметам дека целокупното албанско население не се согласува со политиките што ги водат албанските политички партии, а тоа најдобро се забележа на Референдумот во 2018 година, кога во скопската населба Чаир, каде што најголем дел од населението е албанско, имаше едвај 35% излезност. Тоа значи дека албанските партии немаат легитимитет кој го влечат од албанското гласачко тело. Јас апсолутно не мислам дека главниот проблем на Албанците во моментов е како се заведени во македонскиот Устав, со оглед на тоа што и тие, исто како и Македонците, постојано се иселуваат во држави каде што воопшто не говорат на својот мајчин јазик. Поминавме многу работи заедно и веќе не паѓаме на вакви евтини трикови – објаснува Мојсоска.
Со амандманот 5 на Уставот донесен во 2001 година, „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.