Министерството за здравство информира дека резултатот од тестирањето за ковид-19 на министерот за здравство Венко Филипче е негативен.
Според проценката на епидемиолозите, министерот Филипче не бил во ризик, но сепак тој одлучил да остане во самоизолација.
– Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена. Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата и така ќе биде и во наредната недела. Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје. Почитувањето на мерките досега покажа резултати. Ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба – изјави министерот Филипче.