Министер за правење друштво
Откако лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, го услови премиерот дека неговата партија ќе влезе во владата само доколку го добие Министерството за здравство (и уште 46 други функции), Заев одеднаш заборави дека „Филипче е одличен министер“, ама затоа, пак, не заборави дека „Филипче е одличен моторџија“.
Сега ќе имаме повеќе време за да се дружиме и да се возиме со моторите. Ова го рече премиерот Зоран Заев на вчерашната заедничка прес-конференција со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, откако во име на „евроинтеграциите“ се согласи да го фрли министерот за здравство Венко Филипче во ВЦ-шолја, да му се покака врз главата и да го спушти капакот, оставајќи го својот пријател да се гуши во смрдеата додека непреработените семчиња од лутите чушки му се лизгаат по челото, преку носот…
Многу „неџати“ и слични нему би дале сѐ на светот за да го искусат таквото доживување, па дури и самоволно да се пикнат во ВЦ-шолјата и целите во радост да му довикуваат „сакаме уште” на премиерот, но би било премногу глупаво истото да го очекуваме и од Филипче.
Можете да речете дека е ваков или таков, способен или неспособен министер, но никако не можете да го оспорите фактот дека е одличен хирург и човек со знаење. А образован човек тешко дека ќе го натерате да ужива ако го заробите во порцелан полн со гомна. Колку долго и да го држите внатре, паметниот ќе пронајде начин како да го крене капакот и да излезе на слобода. А кога ќе го стори тоа, тешко е да се поверува дека веднаш ќе се качи на моторот и дека ќе се развозува наоколу заедно со оној кој го беше испоганил и го понижил.
На крајот на краиштата, баш ми е гајле дали двајцата ќе го зацврстат или ќе му стават крај на другарството. Впрочем, премиерот Заев отсекогаш си имал проблем со изборот на пријатели, а и реално гледано, голем дел од другарчињата и блиски соработници му се в затвор. Така му се поставени ѕвездите, не е тој крив.
Како што излегува, последниот вистински пријател најверојатно го имал кога продавал лубеници во Горни Милановац, но и тој го загубил кога се појавила младата Јелена и му рекла: „Бирај, или јас или тој!”. Оттогаш, сите му завршуваат во ВЦ-шолја или во зандана.
Како и да е, тајмингот за напуштање на министерската функција одамна му истече на Филипче. И не знам дали тој сѐ уште се сеќава, бидејќи поминаа ЦЕЛИ ТРИ МЕСЕЦИ, но во модуларна тетовска болница живи изгореа 14 пациенти. Ако тој заборавил, народот совршено памети дека на денот на трагедијата Филипче не собра храброст за да си поднесе оставка, иако, еден ден подоцна, под силниот притисок на јавноста, тој ја понуди оставката, а Заев не ја прифати.
Тогаш премиерот постојано повторуваше дека Филипче е одличен министер за здравство и дека не е одговорен за трагедијата. А паметните и образованите луѓе, нели, освен тоа што умеат да се извлечат од гомната во ВЦ-шолјата, умеат и да си молчат и себично да си ја чуваат министерската фотелја кога ќе им се отвори таква можност. Така постапи тогаш Филипче. Малку го немаше, па потоа на митинзите на СДСМ малку го имаше.
Но, сега, откако Гаши го услови премиерот дека неговата партија ќе влезе во владата само доколку го добие Министерството за здравство (и уште 46 други функции), Заев одеднаш заборави дека „Филипче е одличен министер“, ама затоа, пак, не заборави дека „Филипче е одличен моторџија“.
Со оглед на тоа што веќе на сите ни е јасно кон кој правец ни се движи државата, ќе се одјавам со една мисла на покојниот Зоран Радмиловиќ:
„Кога ќе умреш, ти не знаеш дека си умрел и не ти е тешко. Но, тешко им е на другите. Истото се случува и кога си глуп“.