МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗАКОНСКИ НАДМИНУВА 26.000 ДЕНАРИ Мицкоски обвини дека дел од синдикалните лидери се влезени во „политичко мочуриште“
Мицкоски обвини дел од раководството на ССМ дека е исполитизирано и манипулира со јавноста.
На денешната владина седница ќе го потврдиме заклучокот од последниот Економско-социјален совет, според кој минималната плата ќе се зголеми на над 26 000 денари, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
-Владата цело време размислува околу минималната плата и токму поради тоа го почитуваме законот. Минималната плата ќе натфрли 26.000 денари – рече Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање на денешен настан.
Според него, Владата е подготвена да поддржи и повисок износ, но само доколку се постигне консензус во бипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите каде што, како што рече, треба да бидат упатени барањата на синдикатите, а не кон владата како што се прави сега.
-Ако сега бараат 600 евра минимална плата, за некое време и 800 евра ќе бараат, можеби и 1 000, а ние како влада тука сме немоќни. Треба бипартитниот договор меѓу работниците и работодавачите да заврши – рече Мицкоски.
Мицкоски обвини неколкумина од раководството на ССМ дека е исполитизирано и манипулира со јавноста. Тој рече и дека тие се длабоко навлезени во „политичкото мочуриште“ што го креира опозицијата.
-Прво ја манипулираа јавноста со т.н. минимална потрошувачка кошничка. Еден од авторите излезе и рече дека тоа всушност не била минимална туку просечна потрошувачка кошничка изработена од синдикатот. Неколку пати излегуваа со навреди кон мене, кон владата, со лаги за, не знам, мојата плата колку илјадници евра била -рече Мискоски.
Тој рече и дека јавноста треба со внимание да ги следи нивните изјави бидејќи тие се длабоко навлезени во „политичкото мочуриште“ што го креира опозицијата се дел од „сериозни фамилијарни стебла длабоко навлезени во политички талог“.
Притоа посочи на претседателот на Синдикатот на УПОЗ, за кој рече дека еден ден се слика со него во владата при потпишување договори, а следниот ден ги блокира улиците.