МИНИ МОЗОЧНИОТ УДАР ЧЕСТО ПОМИНУВА НЕЗАБЕЛЕЖАНО Транзиторниот исхемиски удар може трајно да го оштети мозокот
Според едно неодамнешно истражување, лицата кои прележале мал мозочен удар (ТИА) имаат зголемен ризик од деменција, бидејќи тој, исто така, поттикнува процеси во мозокот кои на долг рок ги нарушуваат когнитивните способности.
Мал мозочен удар се нарекува транзиторниот исхемичен напад или скратено ТИА. Станува збор за еднакви симптоми кои го следат мозочниот удар, но ако се повлечат по 24 часа, станува збор за таканаречен мини мозочен удар.
Често, како речиси неприметен настан, му претходи на „вистинскиот“ мозочен удар.
Може да се препознае по пет вообичаени знаци:
парализа
нестабилност при одење
нарушен вид
говорни нарушувања
трнење на делови од телото
Иако овие знаци најчесто брзо се повлекуваат, ризикот од мозочен удар после ТИА е во просек десет проценти. Пациентот е особено изложен на ризик во првата недела по настанот.
Затоа, секој кој ги почувствувал овие предупредувачки знаци треба сериозно да ги сфати и веднаш да се обрати кај лекар – дури и ако симптомите се веќе повлечени. Ако се реагира навреме, мозочен удар може да се спречи со лекови – најчесто тоа се антихипертензиви, лекови за намалување на липидите во крвта и антикоагуланси.
Дополнително, според едно неодамнешно истражување, лицата кои прележале ТИА имаат зголемен ризик од деменција, бидејќи ТИА исто така поттикнува процеси во мозокот кои на долг рок ги нарушуваат когнитивните способности. Колку точно, сè уште се истражува, додека кај мозочниот удар менталното оштетување е веќе добро познат феномен. Околу 20 проценти од сите пациенти кои прележале мозочен удар развиваат деменција во првата година по болеста.
– Сè уште премногу луѓе не одат на лекар кога нивните невролошки симптоми брзо ќе се повлечат. А тоа е апсолутно неопходно – и за да се спречи мозочен удар, и за навремено започнување со соодветни мерки за да се зачуваат когнитивните способности – советува проф. д-р Петер Берлит, специјалист по неврологија од Германското друштво за неврологија.
Тој нагласува дека мини мозочен удар може да се спречи со усвојување на здрав и активен начин на живот, одржување на нормална телесна тежина и непушење.