МИНАТАТА НЕДЕЛА БИЛЕ КАЗНЕТИ 20 ЗАГАДУВАЧИ НА ВОЗДУХОТ Инспектори вршат засилен надзор, велат од Град Скопје
Инспекторите на Град Скопје продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија денеска од одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
„За време на изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции. Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу што и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани“, појаснија од Град Скопје.