Милошоски за Димитров: Боже, Петра, каков плачко!
Решение за избегнување на интерпелацијата е поднесувањето оставка, вели Милошоски, нешто што веќе и блискиот соработник на Заев од Битола, Кирацовски, јавно го побара од Димитров.
Дали интерпелацијата за Димитров е закана? Пола мандат на Димитров му помина во лајкови за добиениот лажен датум и стипендијата, а другата половина во плачење за тоа кои други актери се криви за неговите неуспеси, напиша на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Министерот што во 2008 година ја манипулираше јавноста дека ги решил сите спорови со соседите на ‘Нашата земја‘ и затоа добиваме безусловен датум за ЕУ, денес плаче што условувањето на Македонија. Тој ѝ донесе неколку вета, и многу понижувања. За ваквиот дебакл на надворешната политика не е крива градоначалничката на Арачиново Милкие Халими, туку вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Дополнително, министерот кој пола година бега од Собранието сега тврди дека најавата за негова интерпелација била закана за него и за државата?! Боже, Петра, каков плачко! Прво, старомоден его-трип денес е било кој министер да се поистоветува со државата, па макар тоа бил и во 2018та избраниот маж-со-стил на годината на гала вечерата во ‘Тренд Бар‘. Второ, интерпелацијата не е закана, туку демократска контролна алатка за секој владин функционер, утврдена во членот 45 од Деловникот на Собранието, од кое размазениот Димитров бега со месеци“, напиша Милошоски.
Решение за избегнување на интерпелацијата е поднесувањето оставка, вели Милошоски, нешто што веќе и блискиот соработник на Заев од Битола, Кирацовски, јавно го побара од Димитров.
„Но, без разлика на внатревладините интриги околу тоа дали Заев, Димитров или Османи е поодговорен за дипломатскиот дебакл со лажниот датум и понижувачкото вето, размазениот министер сепак треба да го надмине стравот и да се појави пред пратениците за експликација на неуспехот“ стои во објавата на Милошоски.
Вицепремиерот Никола Димитров му одговори вчера на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод најавената интерпелација, велејќи дека тоа е обид за создавање внатрешен раскол во Владата.