Милошоски со фрапантна изјава: Има колега пратеник кој силувал жена, очекувам сам да се пријави ВИДЕО
Милошоски предлага измени во закон според кои институција ќе дава потврди на кандидатите за градоначалници, пратеници и министри дека не извршиле силување или насилство врз жена.
Градоначалници, пратеници, министри да не може да бидат избрани и да вршат висока функција ако извршиле насилство врз жена. Ова на собраниската седница на која се расправа за законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство го предложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
Тој изнесе фрапантен податок дека во актуелниот собраниски состав има пратеник кој во минатото бил казнет за силување на жена. Милошоски не го откри идентитетот на пратеникот, ниту од која партија е тој. На ова потпретседателот на Собранието Горан Мисовски рече дека немаат информација дека пратеник имал извршено такво кривично дело.
– Имаме колега пратеник кој извршил силување врз жена. Одлежал казна ама сепак сега врши висока функција. Барам предлогот да не може да извршува висока функција како градоначалник, пратеник, министер да се вметне во законите за избор на градоначалници, пратеници и за избор на влада, човек кој извршил родово базирано насилство врз жена – рече Милошоски.
Тој во изјава за Плусинфо одби да го открие идентитетот на пратеникот. Милошоски вели дека ќе почека тој самиот да се пријави, во спротивно тој ќе каже за кој пратеник станува збор. Според Милошоски, предлогот е институција да дава потврди на кандидатите за градоначалници, пратеници и министри дека не извршиле силување или насилство врз жена.
Тој вели дека и во актуелниот Закон за пратеници е наведено во кои случаи се одзема имунитет на пратеник, но како што вели целта е институција да дава потврди на кандидатите за висока функција за да не може кандидат да биде избран за градоначалник, пратеник или минисер ако е недостоен за извршување на функцијата.