МИЛОШОСКИ СО ЈАВНО ПИСМО ДО ОСМАНИ Пратениците ги очекуваат одговорите за планот 5+1 дадени на Софија
Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи вели дека бугарските пратеници знааат што одговорила земјава во однос на планот, а нашите пратеници немаат таква информација.
Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонијо Милошоски денеска јавно упати писмено барање до министерот за надворешни работи Бујар Османи да присуствува на седница на комисијата и да ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот план 5+1.
Во изјава за медиумите Милошоски образложи дека со ова барање се очекува поголема транспарентност во однос на преговорите со Бугарија.
– Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници? – рече Милошоски.
Тој додеде дека барањето е јавно објавено бидејќи бидејќи министерот за надворешни работи не се обратил на седница на комисијата по повод преговорите со Бугарија.
– Министерот за надворешни работи Бујар Османи, иако е скаран со неговиот колега Никола Димитров, сепак минатиот декември покажа дека имаат исти навики. Минатиот декември, минатата година му доставивме барање да се обрати пред Комисијата за надворешна политика, но за жал истото го игнорираше и не се појави, а е негова законска обврска. Затоа сметам дека со порака преку јавноста, освен вака со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност, да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола – рече Милошоски.