Милошоски: Проектот Заев, Филипче и Димитров е готов, да поднесат оставки за да се формира експертска влада
Членот на ИК на ВМРО- ДПМНЕ, како што рече, смета дека со нивната оставка како држава ќе може да создадеме можност да формираме Влада на експерти која што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евро интеграциите.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ однос на три кризи што ги имаме – економската ситуација, надворешно политичката ситуација, блокадата од ЕУ и здравствената криза дека за нив има име и презиме, а тоа се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, изјави челнот на Ицвршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Тој рече дека Заев, Филипче, и Димитров треба да дадат оставки.
– Зошто? Затоа што во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но за жал и за евро перспективата.Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме Влада на експерти која што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евро интеграциите – рече Милошоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев, Венко Филипче и Никола Димитров се дел од проблемот на оваа државна криза, а не се дел од решението.
– Нивна оставка во најмала рака е морален чин од нивна страна, а во Собранието и на повисоко политичко ниво ќе може да се разговара за Влада која што ќе ужива поширока доверба и наместо партиски личности, ќе има експерти во секоја област кои што ќе можат да понудат конкретни решенија за следната година дена да можеме да имаме план за излез од кризата – рече Милошоски.
Во однос на ставот за експертска влада поддржан од другите опозициски партии, Милошоски рече дека е позитивен сигнал.
– Ние сметаме дека позитивен е сигналот од две политички партии коишто се надвор од нашата коалиција, а тоа се Алијансата на Албанците на господинот Зијадин Села и партијата Алтернатива на господинот Африм Гаши. Гледаме дека го делат мислењето дека на државата во ваква кризна економска надворешна политичка и здравствена ситуација повеќе би им помогнала експертска влада отколку Влада која што има изгубено доверба.
За кризната состојба рече дека ставот на партијата е кажан уште во февруари, март месец оваа година.
– Тогаша побаравме кризна состојба, но тогаш на мал број заразени ставот на Владата, на премиерот Заев и на претседателот Пендаровски беше дека државата нема ресурси да спроведе кризна состојба на ниво на цела држава. Затоа сега се поставува прашањето дали тие биле искрени тогаш кога кажаа дека државата нема ресурси за воведување на кризна состојба во март 2020 година или се искрени или можеби манипулираат денес кога воведуваат кризна состојба. Се сомневаме дека ова кризна состојба особено во здравствениот сектор може да донесе за некого дополнителни профити, а за некого или за некои здравствени установи дополнителен хаос кој што го имаме го голем дел од државните болници – рече Милошоски.
Тој го кажа и својот став за ветото од Бугарија.
– Наш став за ветото од Бугарија дека блокадата е неоправдана и вториот дел од нашиот став е дека таа блокада како инструмент им ја овозможи премиерот Заев со потпишување на Договорот со Бугарија во август 2017 година кога го предупредувавме дека потпишувањето на таков договор ќе донесе повеќе проблеми за Македонија отколку решенија – додаде Милошоски.
Пред прес-конференцијата на Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ залепи црни панделки на столбовите од поранешната ограда на Владата.