ВМРО-ДПМНЕ како партија и организација е секогаш спремна за избори, но во овој момент, следните две три недели најдобро е цела држава да ги стави сите ресурси на располагање, да ја сузбиеме пандемијата и да го намалиме бројот на заразени и починати, а по однос на одредување на датумот навистина е непристојно и дегутантно во момент кога имаме најголем број заразени во регионот да лицитираме со датуми, изјави денеска Антонијо Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако ќе се надмине оваа ситуација, опозициската партија, според него, би сакала да продолжи дијалогот со сите останати политички партии врз основа на здравствените параметри.
Милошоски истакна дека загрижувачки е што во Македонија секојдневно има двојно поголема бројка на заразени од ковид-19 отколку од сите балкански држави заедно. Тој смета дека бројката на заразени само е одраз на слабата организација во борбата против пандемијата и затоа апелираше доктор Жарко Караџовски да биде тргнат од позицијата претседател на телото за координација на борба против пандемијата и таму да биде ставен стручен лекар.
– Многу се провидни и несериозни изјавите на министерот Филипче и на Заев, кои што сметаат дека оваа пандемија затоа што е непознатица, тие не можат да прогнозираат кога ќе биде ставена под контрола и кажуваат дека денешната состојба може да биде иста и на 5-ти јули, и на 5-ти август и на 5-ти септември. Таквите изјави се несериозни затоа што ние имаме соседни држави во регионот со кои што имаме слични проблеми, сличен менталитет, сличен здравствен систем, а гледаме дека се справуваат подобро – рече партискиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој праша како може во Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора пандемијата да биде ставена под контрола, а кај нас бројот на заразени да расте во моменти кога само пред два три месеци министерот за здравство Венко Филипче кажа дека успешно сме се справиле со првиот бран.