Антонио Милошоски на новинарско прашање за барањето на СДСМ за оставка на министерот Наќе Чулев, во однос на литијата во Струга вели дека треба да се добие изјава и од началникот на МВР во Струга Дритон Ајро, кој што е близок роднина на обвинителот Артан Ајро, кој беше ангажиран во СЈО.
– И сметаме дека треба началникот како прв човек на министерството во општина Струга да ја даде својата изјава и извештај. Во однос на барањето на Зоран Заев за оставка на министерот Наќе Чулев, сметаме дека тоа би го побарал секој човек којшто е осомничен за криминал. Зоран Заев е уплашен и знае дека еден ден неселективноста во делување на министерот Наќе Чулев може да тропне и на неговата врата. Затоа бара оставка од министерот за внатрешни работи, бидејќи секој ден министерот Наќе Чулев добива се повеќе информации за криминалите во коишто Заев и неговите блиски биле вклучени во изминатиов период. И кога еден аболициран политичар, бара оставка од еден министер за внатрешни работи тоа би требало да е комплимент за министерот. Инаку според мене не би требало да има ниту повластени, ниту пардонирани, ниту селективни постапки по однос на било каква одговорност поврзана со пандемијата и пропишаните мерки. И како што не треба да биде пардонирана докторката Цаца Биљановска која што зарази шест нејзини колеги и доведе во ризик многу луѓе, така не би требало да биде пардониран било кој граѓанин на било која општина, доколку свесно предизвика некакви ризици и добро е што надлежните најавија дека ќе го преиспитаат овој случај – одговори Милошоски.