Милошоски до Адеми: Бевте во удобна дремка и ги заборавивте децата со посебни потреби
И во август и во септемри бевте во една удобна дремка поради што се запоставија потребите на учениците, родителите и на училиштата. Иако уште во август сте имале извештај за децата со посебни потребни, во предлог измените нема ниту еден предлог како овие ученици ќе го остварат своето право на образование како и сите други ученици, рече пратеникот Антонио Милошоски.
Арбер Адеми, поранешен министер за образование на денешната собраниска седница ги повика пратениците од опозицијата, и од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса за Албанците да дадат поддршка на предложените измени на законите за основно и средно образование, а кои се потребни за да се спроведе безбедна и онлајн настава во училиштата од 1 октомври.
Тој објасни дека било каква вербална расправа во парламентот нема да им помогне на родителите и на учениците.
– Ве повикувам и како пратеник од ДУИ да ги поддржите измените, истовремено посакувам што поскоро да излеземе од оваа состојба и сите ученици да се вратат во училишните клупи – рече Адеми кој ги негираше обвинувањата од опозицијата дека во последниве неколку месеци ништо не се работело и дека го преспале летото во Министерството за образование. Адеми потсети и на распуштеното Собрание поради предвремените избори и на времето потребно за формирање на параментарното мнозинство.
На говорењето на Адеми реагираше пратеникот Антонио Милошоски кој се согласи дека се работело на формирање на параментарното мнозинство, но не и за интересот на учениците.
– И во август и во септемри бевте во една удобна дремка поради што се запоставија потребите на учениците, родителите и на училиштата. Иако уште во август сте имале извештај за децата со посебни потребни, во предлог измените нема ниту еден предлог како овие ученици ќе го остварат своето право на образование како и сите други ученици – рече пратеникот Антонио Милошоски.
Тој прочита дел од извештајот за учениците со посебни потреби изготвен од Народниот правобранител во кој детално се наведени причините поради кои децата со посебни потреби нема да можат да следат онлајн настава и дека таа е несоодветна за нив зошто им е неопходна помош од стручни лица.
– Вие спротивно на членот 9 од Уставот овие ученици ги доведувате во нерамноправна положба и тие не можат да го остварат своето уставно право и ќе бидат дискриминирани – рече Милошоски.
Милошоски наведе дека станува збор за 800 ученици со посебни потреби во основното образование и за околу 300 ученици во средното образование, кои ако се прифатат измените за онлајн настава тие нема да можат да ја следат, а дека посоодветна за нив е да има настава со физичко присуство.
Пратениците заминаа на редовна пауза, седницата ќе продолжи во 16 часот.