Милошоски: Да отпуштите 6.000 вработени во Битола е исто како да отпуштите 34.000 вработени во Скопје
Тој исто така посочи дека Владата мора да ја сфати сериозноста на оваа ситуација, но ако нема капацитет за такво нешто, додаде тој, тогаш нека побара помош од експертите.
Вчерашниот ден во Битола беше црн ден за економијата и најава дека оваа криза со коронавирусот ќе предизвика страшни последици доколку не се реагира брзо и одговорно, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на денешната прес-конференција, наведувајќи дека една голема битолска компанија вчера отпуштила од работа 6.000 вработени.
– Вчерашните последици што ги почувствува Битола и целата Пелагонија, беше отпуштањето на 6.000 вработени во компанијата „Кромберг и Шуберт“. Да отпуштите 6.000 вработени во Битола е исто како да отпуштите 7.000 вработени во Тетово. Или, да отпуштите 6.000 вработени во Битола е исто како да отпуштите 34.000 вработени во Скопје. Затоа, сметаме дека ситуацијата е алармантна и дека Владата не треба да чека да се случат отпуштања, а потоа да реагира. Владата треба навреме да реагира за да не дојде до такво нешто. Гледаме дека и цела Европа е сериозна криза, а тоа се одразува кај странските инвестиции во земјава, но и кај домашните стопанственици. Тоа значи дека на десетици илјади граѓани во Македонија им се заканува отпуштање од работата – рече Милошоски.
Тој исто така посочи дека Владата мора да ја сфати сериозноста на оваа ситуација, но ако нема капацитет за такво нешто, додаде тој, тогаш нека побара помош од експертите.
– Многу поодговорно би било Владата да ги побара најдобрите двајца економисти од Стопанските комори, да ги побара најдобрите двајца економисти од факултетите, од опозицијата, од другите политички партии. Сега треба секој да помогне за да се спречи колапс на економијата – рече Милошоски.