МИЛИОН УКРАИНСКИ ДОМОВИ ВО МРАК Масовен руски напад ја разнесе енергетската мрежа

Пет региони погодени, има повредени, а енергетските служби се борат да го вратат снабдувањето со струја додека зимата се приближува.

348

Повеќе од еден милион домаќинства низ Украина останаа без електрична енергија по силниот руски напад изведен во текот на ноќта врз енергетската инфраструктура и индустриските капацитети на земјата, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на украинските власти.

Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко соопшти дека нападите погодиле најмалку пет региони, при што пет лица се повредени. На повеќе локации избувнале пожари, а спасувачките екипи и енергетските служби сè уште работат на нивно гаснење и постепено обновување на снабдувањето со струја.






– Во тек се итни интервенции за стабилизирање на мрежата и заштита на цивилното население – изјави Клименко, додавајќи дека штетите се значителни.

Меѓу најтешко погодените е јужниот регион Одеса, каде што локалните власти наведуваат дека станува збор за најмасовен напад врз областа од почетокот на војната, пред речиси четири години. Нападот предизвикал сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија, а дел од индустриските капацитети биле принудени да ја прекинат работата.

Русија редовно ја таргетира украинската енергетска инфраструктура од почетокот на конфликтот, но нападите значително се засилија со доаѓањето на зимскиот период, кога прекините на струја имаат директно влијание врз цивилното население.

Ноќниот напад доаѓа и во чувствителен дипломатски момент, само неколку дена пред најавените преговори во Берлин, каде што украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се сретне со европски лидери и со специјалниот пратеник на САД, во обид да се пронајде решение за ставање крај на војната.

Поврзани содржини