МИЛИЈАРДЕРОТ КОЈ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ЈА СЕКНЕ ПОМОШТА ЗА КИЕВ НА ЧЕЛО НА ЧЕШКА Расте „фронтот на Орбан“ во Европа
Новиот чешки премиер најави можност за стопирање на извозот на муниција и оружје од чешко производство кон Украина, но избегна да каже дали ќе го укине меѓународниот проект што веќе има поддршка од претседателот на Чешка, Петр Павел.
Чешкиот милијардер и сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Андреј Бабиш, е именуван за нов премиер на Чешката Република. Решението го потпиша претседателот Петр Павел, со што официјално заврши повеќемесечниот период на политички преговори.
– Чешка нема да продолжи со финансирање на воената помош за Украина – изјави Бабиш по назначувањето, додавајќи дека државата ќе се фокусира на „внатрешни економски интереси“.
Тој најави можност за стопирање на извозот на муниција и оружје од чешко производство кон Украина, но избегна да каже дали ќе го укине меѓународниот проект што веќе има поддршка од претседателот Павел.
Бабиш, кој предводи популистичка партија АНО, формираше влада со крајнодесничарската Слобода и директна демократија и со Партијата на возачите, движења кои отворено се против климатските политики на Европската Унија и се залагаат за проруска неутралност. Тие заедно располагаат со 108 пратеници во парламентот.
Седумдесет и едногодишниот поранешен премиер се враќа на функцијата по четири години во опозиција. Во тој период, неговата реторика се помести кон европските конзервативни и суверенистички сили.
За да го избегне судирот на интереси, Бабиш формално го пренесе својот концерн „Агроферт“, кој обединува над 200 компании, на доверителна структура, чекор што му овозможи да добие зелено светло за мандатот.
Политичките аналитичари предупредуваат дека Чешка со ова може да се придвижи кон групата на „суверенистички“ влади во Европа, предводени од Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо.