Благоја Милевски, досегашниот селектор на фудбалерите до 21 година (У21) најверојатно ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација, откако сегашниот селектор Игор Ангеловски најави дека заминува.
Договорот на Ангеловски завршува следниот месец и синоќа по мечот со Холандија тој се заблагодари и потврди дека заминува.
– Мојата соработка заврши со федерацијата, им се заблагодарувам на сите за соработката. Мислам дека по ЕУРО кога ќе се намалат емоциите, ќе дадам генерална оценка, беше огромно задоволство да се води Македонија на ЕУРО – изјави Ангеловски.
Спортските медиуми коментираат дека Милевски е фаворит при изборот на новиот селектор на репрезентацијата, но одлуката треба да ја донесе Фудбалската федерација.
Милевски кој ја однесе Македонија на ЕУРО 2017 за играчи до 21 година, доколку застане на кормилото на репрезентацијата ќе треба да најде замени за Пандев, Тричковски и Крсте Велковски кои се повлекоа од тимот.
Тој ќе треба да ги подготви фудбалерите и за квалификациите за пласман на Светското првенство кое ќе се игра во ноември и декември во 2022 година во Катар.
Позицијата на Милевски во У21, како што се најавува, ќе ја преземе Драган Канатларовски.