МИЛЕИ ГЛЕДА СОЈУЗНИК ВО ТРАМП ЗА ФОЛКЛАНДСКИТЕ ОСТРОВИ Најави нови санкции за враќање на суверенитетот

Аргентинскиот претседател најави заострување на казните за компаниите што црпат нафта без дозвола од Буенос Аирес. На нишан е проектот „Си Лајон“, а Милеи најави и нова поморска база на југот.

30

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи подготвува нов проширен удар врз нафтените компании околу Фолкландските Острови кои Аргентина ги смета за своја територија. Санкциите треба да ги зафатат и нивните акционери, директори и снабдувачи. Буенос Аирес тврди дека компаниите експлоатираат ресурси во води што ѝ припаѓаат на Аргентина.

Проектот „Си Лајон“, северно од островите, треба да почне со производство во 2028 година. Зад него стојат британската „Рокхопер експлорејшн“ и израелската „Навитас петролеум“.






– Ако не дејствуваме брзо, за неколку месеци тие ќе имаат материјален капацитет за пристап до нафтата што е под нашето море. Нешто што никогаш порано не се случило – рече Милеи.

Истовремено, најави поголеми средства за одбраната на југот. Дел од планот е изградба на поморска база во Огнена Земја. Милеи не остави простор за двосмисленост околу аргентинските претензии.

– Сакам да бидам апсолутно јасен. Фолкландските Острови се аргентински, историски и правно. Нема спор околу тоа, тие се дел од аргентинската територија – рече тој.

Ова е аргентинската позиција. Велика Британија ја отфрла и тврди дека суверенитетот над островите е британски.

„Трамп не зборува напразно“

Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ја загреа старата расправија. Тој навести дека Вашингтон не мора автоматски да застане зад Лондон при нов конфликт околу островите.

Запрашан дали САД би ѝ помогнале на Велика Британија, Трамп потсети на британско-аргентинската војна од 1982 година. Потоа ја префрли темата кон сопственото незадоволство од британската воена поддршка.

– Вашата земја не беше таму да ми помогне. Не ни требаше помош, но го прашав НАТО и го прашав вашиот поранешен лидер зошто не испративте некои бродови – рече Трамп.

Милеи неговите зборови ги протолкува како можност за Аргентина.

– Ова не се празни зборови. Тие разбираат дека Аргентина е сигурен партнер и вреден сојузник во децениите што доаѓаат – рече Милеи.

Буенос Аирес и претходно ја стегаше нафтата

Санкциите не почнуваат со Милеи. Аргентина уште во 2011 година донесе закон за казнување компании што истражуваат или експлоатираат јаглеводороди без нејзина дозвола. Законските механизми беа дополнително заострени во 2013 година.

Следуваа забранаи за работење во Аргентина и постапки против повеќе странски компании. Во 2015 година аргентински суд нареди и замрзнување имот и средства во вредност од повеќе од 156 милиони долари.

Токму „Рокхопер“, денес вклучен во „Си Лајон“, се најде меѓу компаниите погодени од претходните аргентински мерки.

Војната од 1982 сè уште виси над островите

Најдраматичниот обид на Аргентина да ја преземе контролата се случи во 1982 година. Аргентинската воена хунта ги окупираше островите, а Велика Британија испрати воена флота во Јужниот Атлантик.

По 74 дена борби, аргентинските сили капитулираа.

Три децении подоцна, во 2013 година, жителите на островите гласаа за задржување на статусот британска прекуокеанска територија. За тоа се изјаснија 99,8 проценти од гласачите.

Аргентина не го признава тој референдум како основа за самоопределување.

Лондон и сега останува на спротивната страна.

„Суверенитетот му припаѓа на Обединетото Кралство, а правото на жителите на островите на самоопределување е од најголема важност“, соопшти британската влада.

Поврзани содржини