МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ДОБИ ПОДДРШКА ОД ВЕНЕЦИЈА, НО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРОГОНОТ Дожд од обвинувања и прашина од манупулации

Реакцијата со која Венецискиот филмски фестивал одлучно му пружи солидарна поддршка на македонскиот режисер, ја возбуди Агенцијата за филм. Манчевски се здоби со статусот на укажувач на корупција и жртва на политички прогон.

851

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија (АФРСМ) упати писмо до Алберто Барбера, директорот на Венецискиот филмски фестивал, Франческо Раниери Мартиноти, претседател на „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и до Франческа Коменини, претседателка на на „Ченто Аутори“ (Cento Autori), во врска со нивната реакција на политичкиот прогон на режисерот Милчо Манчевски.

„Изразуваме огромно жалење што вие како први луѓе на филмскиот фестивал во Венеција и филмските професионалци во Италија сте доведени во заблуда, без да ги знаете фактите и вистината и што на овој начин дополнително правите притисок на јавноста и институциите во нашата држава“, се вели во писмото на АФРСМ, потпишано од директорот Бојан Лазаревски.






Венецискиот филмски фестивал, најстариот во светот, објави писмо со поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски против политичкиот прогон врз него како укажувач на корупција во Македонија. Писмото, објавено на сајтот на Фестивалот, е потпишано од трите наведени личности и е редок гест на една од најреномираните институции во светот.

Во писмото, меѓу другото, се вели: „Почитуван г. Манчевски, Исклучително ни е жал што слушаме дека се соочувате со масовна политичка кампања на клевети, лични закани и политичка и професионална црна листа. Потписниците на ова писмо – кое ја покажува загриженоста што ја делат Венецискиот филмски фестивал и двете италијански здруженија кои ги претставуваат авторите и филмаџиите на нашата земја: ANAC-Autori и Cento Autori – сакаат да ви ја изразат нашата безусловна солидарност. Ја знаеме и цениме вашата работа како уметник, која секогаш се одликува со критериуми на апсолутна етичка и морална коректност, на експресивна доследност поттикната од силно чувство на општествена одговорност и интелектуална чесност“.

Потписниците на писмото изразуваат чудење што, како што велат, храбрата осуда на Манчевски на неправилностите направени од Агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија „беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на Агенцијата, чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено“.

Во врска со ова, Милчо Манчевски изјави:

– Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во ДФРМ. Не сум единствен кој очекува Владата и Обвинителството доблесно да постапат.

Поддршката на најстариот фестивал на светот доаѓа по повеќемесечната хајка против Манчевски, затоа што тој укажа на корупција во владината агенција. Хајката ја водеа раководствата на Агенцијата за филм и ДФРМ. Откако „Банана филм“ на Манчевски ја пријави Агенцијата за филм за корупција, раководството на Агенцијата ја блокираше својата поддршка за проектите на Манчевски, завршениот „Кајмак“ и новиот „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“) и поднесе кривична пријава против „Банана филм“ со лажни наводи за неправилности во работата. Дека наводите се лажни потврди и инспекцискиот надзор на Министерството за култура.

Ниедна државна институција ниту инспекција досега не утврди неправилности во „Банана филм“. Наспроти ова, на крајот на мај, Државниот завод за ревизија даде негативен извештај за работата на Агенцијата за филм и за ДФРМ, а свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и Антикорупциската комисија.  По негативниот извештај на ДЗР за работата на Агенцијата, Транспаренси интернешнл објави нова анализа на работењето на АФРСМ, во која меѓу другото се наведува дека државната Агенција му се одмаздува на Манчевски како укажувач на корупција, што е спротивно на законот.

На крајот на јули, Управниот суд го прифати барањето на „Банана филм“ да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм и пресуди дека Агенцијата не смее да ги стопира проектите. Агенцијата сѐ уште не постапила според одлуката на Управниот суд.

Во реакцијата на директорот на АФРСМ, Лазаревски, на писмото од Венеција за поддршка на Манчевски, се вели:

„Во конкретниот случај за кој реагирате, не станува збор за никаков прогон на автор (режисер и сценарист), туку станува збор за истраги и постапки за правен субјект во сопственост на господинот Милчо Манчевски, односно правни постапки за расчистување на финансиски злоупотреби,  недоставување на финансиски извештаи за потрошени 900.000 евра, како и низа други индиции.

Институцијата која ја споменувате, Агенцијата за филм на РСМ, веќе 14 години нема одбиено ниту едно барање за финансиска поддршка на режисерот Манчевски. Актуелното раководство во последниве 5 години на истоимениот режисер му има одобрено средства во висина од 2,3 милиони евра.

Искрено се надеваме дека ќе го увидите овој пропуст, ќе ја разберете нашата реакција и во интерес на правдата и Законот ќе го повлечете писмото со што без дополнителен надворешен притисок ќе се даде простор на независните институции на нашата држава, која е аспирант за членство во Европска унија, да ги утврдат спорните факти и да донесат соодветни правни одлуки.

Како прв човек на Агенцијата за филм на РСМ, уште еднаш сакам да повторам дека РСМ не врши никаков политички или каков било друг притисок врз Манчевски, ниту пак има вакви постапки за било кој друг автор.

Убеден сум дека и вие сте на страната на правдата и законот, кога станува збор за финансирање и трошење на средствата од јавните фондови за поддршка на филмската уметност“.

Поврзани содржини