МИЛАНО ТАГУВА ПО ЏОРЏО АРМАНИ ВО ТИШИНА Спуштени знамиња, затемнети излози и достоинствен погреб

Според последната желба на Џорџо Армани, само околу триесет негови најблиски пријатели се собрале на неговиот погреб во малата црква Сан Мартино во Ривалта.

335

Светот на модата се збогуваше со Џорџо Армани на интимна и достоинствена церемонија одржана на 8 септември.

Според неговата желба, само околу триесет негови најблиски пријатели се собрале на неговиот погреб во малата црква Сан Мартино во Ривалта, село со едвај сто жители во општината Пјаченца, каде што е роден големиот дизајнер во 1934 година.






По церемонијата, телото било погребано во семејната гробница, каде што веќе лежат неговиот татко Уго, мајката Марија и братот Серџо.

Од почит кон семејството, околните патишта биле привремено затворени за да се обезбеди целосна приватност за настанот.

Меѓу ретките присутни на погребот биле сестрата на Армани, Росана, долгогодишниот партнер Панталео Дел’Орко и внукот Андреа, заедно со неговите сестри Силвана и Роберта, кои со години играат важна улога во модната куќа.

Истиот ден, Милано му оддаде посебна почит на овој врвен дизајнер.

Продавниците на Џорџо Армани беа затворени и со затемнети прозорци, додека градоначалникот Џузепе Сала прогласи ден на жалост, придружувајќи ѝ се на неговата колешка Катја Тараскони од Пјаченца. Знамињата на зградите на градското собрание и на славниот плоштад на катедралата биле спуштени на половина копје во знак на почит кон човекот кој со својата работа ја обележа италијанската и светската мода.

За потсетување, Џорџо Армани почина на 4 септември на 91-годишна возраст. Неговата смрт беше обележана во Италија со тридневна жалост што заврши со скромно, но длабоко трогателно збогување – токму онакво какво што самиот посакуваше.

Поврзани содржини