Вакцината за коронавирусот не би можело да се очекува да биде произведена до крајот на оваа година. Процесот за секоја вакцина е долготраен и со максимално забрзување, најмалку се потребни 12 до 18 месеци, а и претходат и неколку фази на претклинички испитувања, рече д-р Владимир Микиќ.
-Според она што досега го знаеме, во најбрз можен рок, меѓу година и година и пол би бил периодот кога може да се произведе, рече епидемиологот, одговарајќи на прашање на денешната видеосесија за КОВИД-19 кога би можело да се очекува вакцина за новиот вирус.
Д-р Жарко Караџоски додаде дека според некои насоки можеби во септември би имало претклничко истражување и се согласува до крајот на 2020 вакцина се уште ќе нема.
– На крајот на 2020 година нема да имаме вакцина, меѓута во иднина на ова ќе гледаме дека сме се бореле со непозната работа која ќе биде сезонска – рече Караџоски, додавајќи дека целата состојба ја следат и низа информации, кои се уште се на ниво на шпекулација, меѓу кои и дека вирусот во следниот период ќе почне да се шири на Јужната полутопка и дека следната година може да ни се врати како сезонско заболување.