Мицковски: Потребна е прецизна и робусна акција за да се одржи во живот стопанството
Тој во видео обраќањето рече дека на земјата и претстои навистина предизвикувачки период бидејќи поради здравствената криза јавниот долг може да достигне и до 70 отсто..
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето видео обраќање на вториот ден од самоизолацијата побара прецизна и робусна акција во насока на поддршка за одржување во живот на стопанството која треба да се реализира по јули кога се очекува да почне периодот на обнова и кога завршуваат владините мерки..
– Овој пат е потребно веднаш да седнеме и да размислуваме за втор сет на мерки што би било после јули, затоа што сега во овој момент сите оние политики во насока на поддршка на стопанствотот и компаниите кои што завршуваат со јули потребно е да бидат проширени, надградени после јули затоа што негативните ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид 19 вирусот се очекува тогаш да кулминираат не само во Македонија, туку и насекаде во Светот. Затоа е потребно сега навремено да се донесе нов втор сет на мерки кои што би биле таканаречен процес на after care, после јули месец 2020 година и на тој начин да го одржиме живот стопанството и на тој начин да ја одржиме жива макроекономската стабилност – рече Мицкоски.
Тој во видео обраќањето рече дека на земјата и претстои навистина предизвикувачки период бидејќи поради здравствената криза јавниот долг може да достигне и до 70 отсто..
– Но не само сега во оваа 2020 година, туку и годините коишто следат после 2020 година, бидејќи се очекува кога сето ова ќе се анализира и емпириски ќе се докаже, да имаме зголемување на бруто домашниот долг некаде околу 65 до 68, а можеби и до 70% од нивото на бруто домашниот производ, што навистина претставува исклучително голема бројка и историски најголема од осамостојувањето до денес – рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во период кој што следува ќе продолжи активно да нуди решенија, ќе продолжи активно да нуди политики и во самата влада преку претставници кои што учевствуваат таму, но и ќе ја запознава јавноста.
– Останува на владата дали ќе продолжи да се однесува примитивно и надмено како што се однесуваше до сега, па потоа со пиши-бриши методата да ги менува уредбата која што сама ги носи или дел од тие политики и мерки кои што ги нуди ВМРО-ДПМНЕ ги прифати веднаш на самиот почеток пред да биде понатаму доцна – рече Мицкоски.
Мицкоски им се заблагодари на медицинскиот персонал, полицијата армијата кои се во првите редови во борбата со коронавирусот и инофрмира дека на вториот ден самоизолација, се чувствува одлично, и здравствено и физички.