Мицкоски: Заев има целосен системски неуспех во справувањето со кризата
Не слушнавме ниту еден нов протокол, не слушнавме ниту една нова мерка, туку единственото нешто што го слушаме се избори па избори.
Три години власт на Зоран Заев и СДСМ, три години проблеми, откажувања, неправди, мачен живот, постојано исчекување за подобро, изгубена надеж. Ако на почетокот имаше оптимисти дека може подобро, денес е совршено јасно дека со овие луѓе Македонија губи, а секој изгубен ден подразбира пропуштена шанса и уште една генерација без иднина. Целта не ми е да одам до детали за тригодишното неславно владеење на Заев и неговата елита туку да се остврнам на неколку важни теми значајни за овој и следниот период, рече лидерот на вМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција.
– Денес Македонија се соочува со најжестоката здравствена и економска криза. Со право народот е целосно фокусиран кон ова прашање, затоа што ковид 19 пандемијата одзема животи. Мене ми е навистина жал што морам да го констатирам она што сите го гледаме, но оваа власт има целосен системски неуспех во справувањето со кризата. Викаат дека добро се справуваат и дека ја победиле короната, но демантот стига веднаш и тој вели 140луѓе кои за жал ги загубија животите, и 2.315 заболени, а во моментот над 650 активни случаи и неколку илјади во карантин. Доаѓаме до моментот кога дневно заразени имаме близу до троцифрена бројка во услови кога регионот околу нас има едноцифрена бројка на ново заболени или воопшто нема нови случаи. Македонија има повеќе случаи на ден отколку цел Балкан заедно. А што прави власта за ова прашање? Не слушнавме ниту еден нов протокол, не слушнавме ниту една нова мерка, туку единственото нешто што го слушаме се избори па избори – рече Мицкоски.
Тој додаде дека нема да го посочувам кој бил крив а кој бил прав за справувањето со пандемијата бидејќи според него, ова не е состојба која е предизвикана од само еден пропуст, туку систематска негрижа, а народот не може да биде виновен како што тоа го смета Зоран Заев бидејќи таквата теза е покритие за неговите неуспеси.
– Комисијата за заразни болести наместо препораки за заштита на здравјето спроведуваше политички диктати од Заев. Сосема несовесно се олабави состојбата со мерките, но воедно власта во трката да се допадне и да има избори глумеше нормализација што предизвика и доведе до тоа вирусот и последиците од вирусот да се потцени. Започнаа од СДСМ со изборна кампања, делење флаери, одење на терен, и претседателот на партијата кому половина партија му е во карантин, наместо да излезе со предлог мерки за заштита на граѓаните и да спасиме човечки живот повеќе, единствено нешто што научил како грамофонска плоча да го повторува избори па избори – рече Мицкоски.
Според него, изминативе три години СДСМ направил хаос, назадување и уништена економија.