МИЦКОСКИ ЗАДОВОЛЕН ШТО ВО СКОПЈЕ НЕМА ЗАГИНАТИ ВО СООБРАЌАЈКИ ВО ДЕКЕМВРИ Тошковски со апел до пратениците во врска со „Безбеден град“

Очекувам од сите 120 пратеници во Собранието да гласаат позитивно за Законот за прекршоците, којшто треба да се донесе со двотретинско мнозинство, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

0

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од досегашната имплементација на проектот „Безбеден град“ за што вели потврда се и бројките за нула загубени човечки животи во сообраќајни незгоди во декември годинава во Скопје.

– Морам да кажам дека ако се спореди декември 2025 со декември 2024 година ќе дојдеме до еден параметар кој нас нè прави задоволни и среќни, бидејќи во Скопје во декември 2024 година поради сообраќајни незгоди животот го загубиле 5 лица, а оваа година ниту едно. Значи, примената на апликацијата го дава резултатот. Вкупниот број на лица кои го загубиле животот во сообраќајни незгоди во 2024 година е 142 лица, а во 2025 година е 131 лице, со драматично намалување на бројката во декември. Тоа значи дека и во градовите каде нема инсталирано вакви уреди, внимателно возат, но и на автопатите каде има инсталирано ваков тип на уреди – изјави денеска Мицкоски.






Тој вели дека од 1 февруари, за кога се најавува официјалната примена на системот со казнување, не очекува сè да функционира беспрекорно, но дека системот ќе се надоградува постојано.

– Ценам дека како Влада опстојавме и покрај, јас би рекол, оној мал дел од општеството којшто го нареков талог на општеството, којшто го исмејуваше сето тоа – правеше шеги на моја сметка, на сметка на Владата, имаше разноразни рилсови, но, овие нула загубени човечки животи во Скопје, нè прават задоволни. Сето она што беше антикампања или кампања, почна со сарказам од овој мал дел од наши сограѓани. Бројките ги демантираат – рече премиерот Мицкоски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека за околу 20 отсто е намален бројот на сообраќајни несреќи на територија на СВР Скопје во декември 2025, споредено со декември 2024 година.

– Ова е заслуга на секој што управува моторно возило согласно со сообраќајните правила и од срце им благодарам – рече Тошковски.

Тој апелираше до сите пратеници во Собранието да ги имаат предвид овие параметри кои, рече, се позитивен резултат од „тест периодот на употребата на овој паметен систем на детектирање сообраќајни прекршоци“.

– Доколку македонските граѓани покажуваат вакви резултати во позитивна насока само во тест периодот, сигурен сум дека пратениците ова ќе го имаат предвид и во иднина и ќе овозможат ваков тип на паметен систем да го имплементираме. Очекувам од сите 120 пратеници во Собранието да гласаат позитивно за Законот за прекршоците, којшто треба да се донесе со двотретинско мнозинство. Другите закони генерално се завршени, останаа уште измените на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик, за да го затвориме пакетот закони поврзани со имплементирање на „Сејф сити“. Очекувам дека ќе го направат најбрзо што можат и од 1 февруари да почнеме и со официјална примена – рече министерот Тошковски.

Поврзани содржини