Мицкоски, забрането е влечење мртов коњ по главна улица!
Христијане Мицкоски, немој веќе да го факторизираш Венкота Филипче, овозможувајќи му дрско и безобразно да ги одбива твоите понуди за инклузивност во политичкиот процес. Ова раководство на СДСМ е мртов коњ. Неговата единствена надеж се деструкцијата и хаосот. Најди таму некоја споредна уличка, Мицкоски, па таму влечи го. А техничката влада, веднаш да се укине!
САД имаат необична традиција на застарени и смешни закони, кои сè уште важат, иако практично не се применуваат.
На пример, закон во Аризона вели: Забрането е да се влезе со коњ во салун!
Во Индијана: Забрането е мајмун да се облекува во пантолани!
Во Кентаки: Жените не смеат да де движат во костим за капење на автопат без полициска придружба!
Во Канзас: Забрането е пукање во зајаци од моторен чамец!
Итн.
Овие необични правила веројатно имале свој контекст и некакво објаснување во времето кога биле смислени – иако ова за мајмунот, па и ова за зајаците, не ми е баш јасно – но денес немаат ни практична смисла, а ни примена.
И ние во Македонија си имаме такви законски решенија, кои имале своја смисла во периодот кога биле донесени, но денес веќе се застарени и непотребни. За разлика од оние смешни американски закони, тие законски решенија кај нас сè уште се применуваат.
Такво решение, на пример, е техничката влада. Таа е дел од Пржинскиот пакет (2015 година), со кој беше уредена технологијата на уривање на режимот на Никола Груевски практично без избори. Објаснувањето и оправдувањето беше дека изборниот процес е искомпромитиран и исконтролиран од кликата на власт.
Поминаа повеќе од осум години од онаа „историска“ 2017 година, кога се случи промената поради која беше смислена Пржинската влада. Од тогаш до последните локални избори, одржани пред два месеца, сведоци сме на повеќе изборни циклуси, кои покажаа дека Македонија има фер и демократски избори и дека нема никаква потреба од формирање техничка влада пред секои избори, со мандат да ги подготвува.
Тоа законско решение треба да се укине веднаш. И за тоа не треба да се бара согласност од Венко Филипче, од лидерот во обид на партијата СДСМ во распаѓање.
Искрено, не го разбирам баш најдобро во последно време и премиерот Христијан Мицкоски. Вели, можеме сами да ја укинеме техничката влада, ама сакаме тоа да биде инклузивно.
Инклузивно?!
Со оваа екипа на Бихаќка – инклузивно?!
Па како можеш, Мицкоски, да очекуваш инклузивност од некој што постојано јавно те нарекува криминалец, од некој што ја убедува јавноста дека си продолжена рака на Вучиќ, од некој што те смета за цензор и за диктатор, од некој што ти се заканува со американски црни листи и чија единствена надеж и идеја политички да се факторизира е некако и овде да предизвика протести слични на тие во Србија?
Како можеш да му подаваш рака, Мицкоски, на човек што ти плука в лице и ти вели дека подадената рака била алиби за некакво зло што самиот го измислува?
До кога јас сите ќе ве учам на златното правило за односите со луѓето од Кланот Дубаи – со мајмун шах не се игра!
Одржете си ја таа лидерска средба со политичките лидери коишто сакаат договор за важните државни прашања и кои разбираат што е тоа инклузивност. Инаку, лидерската средба е неформален формат на градење политика. Консултативен. Одлуките се носат во парламентот, со потребното мнозинство, легитимно и легално.
Така да ја укинете техничката влада. Тоа законско решение е одвишно и бесмислено. Сите го знаат тоа.
А ако СДСМ во распаѓање продолжи да крева џева и да се однесува деструктивно, во обид земјата да ја вовлече во хаос, распишете избори и дајте му на народот шанса пак непосредно и демократски да одлучи кому ќе му го довери мандатот да ја води државата.
А ти, Христијане Мицкоски, немој веќе да му сервираш вакви топки на Филипче, на волеј на лева нога. Немој да му даваш шанси да се факторизира, одбивајќи подадена рака. Немој веќе да влегуваш во нивните приказни за мали деца, во кои тој глуми час жртва, час бунтовник без причина, час фраер.
Три-четворица амбасадори во Скопје ќе ти пишат петка на рачето за твојата „инклузивност“, ама политичките штети реално ќе бидат немерливи.
За тебе, Мицкоски, поточно за твојот однос кон лидерот во обид Венко Филипче, многу сериозно важи оној смешен американски закон, конкретно од државата Минесота, што го цитирав и во насловот:
Забрането е влечење мртов коњ по главна улица!