Мицкоски за тезите на Заев искажани за БГНЕС: Ако владата го начне идентитетот ќе се соочи со народот (ВИДЕО)

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев во интервјуто за бугарската новинска агенција несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.

855

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција навестува нов договор или анекс на постоечкиот договор за добрососедство, а со негирањето на антифашистичката борба и негирањето на македонското малцинство во Бугарија  и начнување на идентитетот.Тој го повика македонскиот народ и сите што се дел од македонската  нација не, само во Македонија туку и надвор, будно да го следат процесот на преговори што го води владата, бидејќи тој може да го начне македонскиот идентитет.

Според Мицкоски,  Зоран Заев во интервјуто за бугарски медиум несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.






–  Тој најпрвин тврдеше дека договорот со Бугарија е сосема доволен, во едно мое интервју предупредив дека покрај договорот за добрососедство постои барање од страна на бугарските власти за потпишување на нов договор или анекс на тој договор, со кој ќе се допрецизираат барањата или да бидам попрецизен уцените и сервилниот однос на Заев кон нашиот источен сосед. Па оттука можам да кажам дека како поминуваа деновите оние први бледи критики и обвинувања од страна на Зоран Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и останатите кон мене, дека таков договор или анекс на договор не постои, излегоа дека се една обична шарена лага. Нивниот сервилен однос на сметка на достоинството на македонскиот народ, достоинството на македонската нација нема граница, па тие денеска прифаќаат еден таков анекс кон тој договор, кој што Зоран Заев во ова интервју го потврди – рече на денешната прес-конференција Мицкоски.

Заев, вели Мицкоски,  во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство.

– Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна- појасни Мицкоски.

Мицкоски, како што рече, е загрижен зашто интервјуто може да се толкува и како прв  чекор кон откажување од македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа во Бугарија, а со тоа и поништување, брутално кинење  на сите пресуди изречени од меѓународни судови до сега.

– Како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува – рече Мицкоски.

Тој изрази сериозна загриженост за тенденцијата за менување на карактерот и улогата на македонските херои, што според него  е упад и фалсификат на македонската историја.

– Алармирам сега за да не биде предоцна, алармирам за да не се случи уште едно огромно големо разочарување. Го повикувам македонскиот народ, ги повикувам сите оние  кои што се дел од македонската  нација не, само во Македонија туку и надвор, будно да го следиме овој процес на преговори кој што го води оваа влада а Зоран Заев, затоа што загрижени сме дека тој може да го начне македонскиот идентитет – рече Мицкоски.

Тој ја  предупреди владата на Заев да не си игра да не го начнуваат македонскиот идентитет.

– Бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и македонската нација, не само тука во Македонија, туку било каде во светот. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои што се пред нас, внимателно и будно заеднички со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако на било каков начин го навреди македонскиот идентитет да реагираме и да го спречиме.  Јас ќе бидам прв во таа борба – рече Мицкоски.

Поврзани содржини