Мицкоски за средбата со Села и Гаши: Ова е прв чекор и би сакал да кулминира во коалиција пред локалните избори
Ова е прв чекор и би сакал да кулмунира со заедничка коалиција пред локалните избори, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на конференцијата „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“ која попладнево се одржува во хотелот Хилтон во Скопје, а во врска со можното коалицирање со партиите на Зијадин Села и Африм Гаши, Алијансата на Албанците и Алтернатива чии лидери присуствуаат на панел дискусијата на десничарските партии .
На конференцијата чија главна цел е да се изградат мостови на соработка ќе учествуваат и гости од Косово, односно Арбен Кашаху од Демократската партија на Албанија на Љуљзим Баша, а ќе имаат онлајн обраќање и претставници и од Демократската лига на Косово, основана од Ибрахим Ругова, а чиј претседател е Иса Мустафа.
Мицкоски најави дека поздравен говор преку онлајн вклучување ќе има и Пауло Рангел, потпретседателот на ЕПП.
– За нас ова претставува посебен момент бидејќи покрај коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива тука се и претставници од нашата сестринска партија од Албанија, Демократската партија која што ја предводи мојот пријател господинот Љуљзим Баша со кој што имаме исклучително квалитетна соработка и во рамките на Европската народна партија. За жал, поради новонастанатата ситуација кај нашиот северен сосед во Косово, претставници од другата наша сестринска партија ЛДК од Косово иако најавени денеска во последен момент го откажаа своето учество, но сепак преку видео врска ќе бидат со нас и ќе можат и тие да ги пренесат нивните очекувања од годините кои што следат, а поврзани со европерспективите во регионот. Денеска ова е прва од низата конференции кои што се во организација на нашата партиска организација, а тоа е германската Конрад Аденауер кој што го фасилитира целиот овој процес и во таа насока ќе продолжиме и во иднина – рече Мицкоски.
Тој додаде дека десничарските конзервативни партии, сестрински партии во рамките на Европската народна партија заедно со пријателите во Македонија, Алијансата на Албанците и Алтернатива може да придонесат во иднина за брз напредок на нашата држава во рамките на евроинтеграциите.
– И во спроведување на реформскиот процес се разбира и практично на македонските граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност иако можеби понекогаш за некои теми имаме би рекол различни мислења. Но, она нас кое што денеска не обединува тоа е нашата десна конзервативна идеологија. Би сакал да ги нагласам и борбата против корупцијата и криминалот кои што не само во нашата држава, не само во Македонија, таа и те како зема сериозен замав и размер кај нашиот западен сосед во Албанија. Веруваме дека како сестрински партии, како десни конзервативни партии можеме и те како овој процес да го акцелерираме и Македонија заедно со Албанија се разбира и Косово да бидат што поскоро дел од обединетото европско семејство – рече Мицкоски.