Мицкоски за Сител: Уредбата го нема легитимитетот од ВМРО-ДПМНЕ, да го дефинираме терминот за избори

Таа Уредба, ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дознавме неколку минути пред таа да биде ставена на седница на влада. Јас тогаш имав интервенции и телефонски разговарав со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со вицепремиерот Бујар Османи.

2,665

Простор за дијалог секогаш постои. Ние сме општество во коешто ќе треба да разговараме и да наоѓаме консензус, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за телевизијата Сител и додаде дека се потребни уште средби на лидерите, но на нив да се придржуваат до двата принципи – консензус и здравјето на граѓаните.

– Она што го споменува Зоран Заев е спротивно на вистинското и на правното толкување на изборните активности, бидејќи тој се повикува на таканаречената Уредба со сила на закон која ја донесе оваа техничка влада. Таа Уредба, ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дознавме неколку минути пред таа да биде ставена на седница на влада. Јас тогаш имав интервенции и телефонски разговарав со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со вицепремиерот Бујар Османи. Разговаравме за текстот, посебно за членот 5, првата реченица којашто вели дека изборните активности се сопираат и продолжуваат веднаш по укинувањето на вонредната состојба. Веќе во членот 6 се дообјаснува, каде што вели дека Државната изборна комисија е таа којашто треба да изготви, еден ден откако ќе заврши вонредната состојба, нов роковник за одржување на изборните активности. Јас тогаш ги предупредив дека на овој начин ќе се создаде некоја фрикција политичка која понатаму и ќе создава проблеми. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев не ја поддржа Уредбата. Уредбата ги нема легитимитетот и кредибилитетот на опозицијата. И тогаш говоревме и сега говориме со јазикот на разумот дека потребен е компромис, бидејќи тоа го договоривме на првата средба кај претседателот Стево Пендаровски. Рековме дека дата на избори ќе се утврди откако сите политички чинители ќе конвергираат кон едно решение и втората работа која треба да ни е важна и е прва, е здравјето на граѓаните – рече Мицкоски.






На прашањето што е решението, дали нова уредба да донесе владата, Мицкоски одговори:

– Прво треба да дефинираме кој би бил терминот за одржување на предвремените парламентарни избори. Само ако имаме појдовна точка потоа можеме да носиме одлуки и правно експертите да го затворат сето ова кое ние денеска го зборуваме.

Тој во интервју  зборуваше за критериумите според кои ВМРО-ДПМНЕ смета  дека треба да се одржат  парламентарните избори каде како решение го понуди крајот на август или почетокот на септември, но тоа не беше прифатен од страна на Зоран Заев.

Во врска со неприфаќањето на овој став од страна на Заев, Мицкоски истакна:

– Не е прифатливо затоа што како што јас успевам да го разберам неговото политичко толкување е функционирање врз основа на ултиматум и затоа почувствува вчера по завршувањето на лидерската средба да им се извинам на граѓаните што во услови кога ние броиме 26 заболени и 3 починати во текот на вчерашниот ден да зборуваме за избори. Еве сега додека го правиме интервјуто разбрав дека има нови 22 заболени и двајца починати, а ние зборуваме за избори.

Мицкоски во интервјуто посочи дека потребно е оваа пандемија добро да биде менаџирана како што тоа го прават земјите од соседниот регион имено тој потенцираше дека оваа владата предводена од СДСМ не знае и нема капацитет да ја менаџира кризата поврзана со корона вирусот. Имено тој кажа дека очекувал повеќе труд од Комисијата за заразни болести, а не мислење од четири реченици.

– Имаше некои протоколи од Комисијата за заразни болести кои беа од 4 реченици кои во принцип секој граѓанин  знае дека треба да одржува лична хигиена, дека треба да мие раце, дека доколку се наоѓа во затворена просторија треба да има ракавици и треба да има маска на лицето, кога е на отворено треба да  држи дистанца од еден и пол до два метра и таа затворена просторија секој еден час да се проветрува. Навистина јас немам проблем со  кредибилитетот  на луѓето, таму има и медицинско лице кое што е и кандидат за пратеник од СДСМ, која што се потпишала на тој документ, немам проблем со нивниот медицински кредибилитет, но навистина бев изненаден со слабата содржина – истакна Мицкоски.

 

Поврзани содржини