Мицкоски за нападите од екс-функционерите на ВМРО-ДПМНЕ: Сега сите тие се партнери на Заев, со среќа нека му е!
Ова се луѓето кои што практично ја доведоа во ваква состојба партијата што ја презедов во 2017 година и тие сега му помагаат на Зоран Заев да формира владино мнозинство, вели Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Сител, во врска со нападите од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека ваквите луѓе не заслужуваат никаков одговор. Мицкоски кажа дека тоа се луѓе кои што се најзаслужни за пустошот на Зоран Заев низ земјата.
– Јас ценам дека овие луѓе не заслужуваат одговор. Бидејќи веќе ме прашавте, можам да кажам дека ова се луѓето кои што се најзаслужни што Зоран Заев веќе три години пустоши низ Македонија. Ова се луѓето кои што практично ја доведоа во ваква состојба партијата што ја презедов во 2017 година. И повторно истите овие луѓе сега му помагаат на Зоран Заев, во услови какви што се сега, да формира владино мнозинство – рече Мицкоски.
Тој даде дека обвинувања кон него се темелат на многу лични навреди, на голема фрустрација. Мицкоски нагласи дека сето она кое што тие го рефлектираат како атак врз ВМРО-ДПМНЕ и врз него, не наидува на поддршка ниту во структурата ниту во членството, ниту помеѓу граѓаните.
– Ова е последниот товар од кој што се ослободува ВМРО-ДПМНЕ во овие 31 месец откако сум избран за претседател на партијата. Сега сите тие заедно на купче остануваат да му бидат верен коалиционен партнер на Зоран Заев, па јас би му посакал со среќа нека му е со сите нив – додаде Мицкоски.