Мицкоски: За четири дена најголема криза со коронавирусот потрошиле 8 милиони денари за патување и ручеци
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес во своето гостување на Македонската радио телевизија посочи дека власта не може да се справи со корона вирусот, па ја обвинува опозицијата.
Тој тврди дека за 4 дена најголема криза со корона вирусот, функионерите на СДСМ потрошиле 8 милиони денари за патување, репрезентации и ручеци.
– Денеска прочитав изјава каде што СДСМ вели дека тие се бореле со пандемијата, а ВМРО-ДПМНЕ правело паника, па еве ја користам оваа прилика да им одговорам на нивната небулозна изјава. Она за кое што најмногу се борат функционерите на СДСМ е што повеќе да ги наполнат џебовите во оваа матна ситуација и втората работа е да ја злоупотребат практично искреноста на граѓаните, довербата во докторите, во полицијата, во Армијата за да создадат личен ПИ-АР дека еве они се тие кои што всушност се борат заедно со тие лица, а всушност ништо не направија – вели Мицкоски.
Според Мицкоски единствен кој што покажал грижа и целосна посветеност за спречување на ескалацијата со пандемијата е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој што вршел контроли и посети на граничните премини, контрола на полицискиот час, како и контрола во општина Дебар која што беше жариште на пандемијата.