Мицкоски: Време е да спречиме ново бришење и ново виткање на кичма (ВИДЕО)
Не смееме да молчиме за асимилацијата пред нашите очи. Затоа, да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја - истакна Мицкоски.
И денес навестувам дека Зоран Заев подготвува национален пораз, но од секој од нас зависи дали тоа ќе го промениме. Јас како човек и поединец можам да направам многу работи, но сите заедно, сплотени еден до друг можеме да направиме сѐ. И за оваа битка, драги пријатели, потребен е народ. Младо и старо, машко и женско треба да се одважи и да се спротивстави, сподели на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Ако сега во овие часови, денови не излеземе и не се спротивставиме ќе биде предоцна. И ова морам да ви го кажам гласно и јасно за да бидеме на чисто. Ако сега не излеземе и дадеме отпор, подоцна ќе немаме право да велиме зошто не ги променивме работите. Сега можеме, а за тоа е потребен секој еден од вас. Сега, за да не биде предоцна. Сите кои имаме разлики и забелешки едни кон други мораме да ги заборавиме, за да спречиме ново бришење и ново виткање на кичма – вели Мицкоски.
Тој додава дека ако сега оваа алка од синџирот не издржи, ние ќе го прекиниме континуитетот во нашето постоење. Ако се откажеме од Партизаните, ќе се откажеме и од Илинденците, ако се откажеме од нив, се откажуваме од столетната борба за слобода. Ако тогаш тоа го направиме во што ни преостанува да веруваме? Вештачките нации и дрвата без корен се осудени на пропаст.
– Не смееме да молчиме за асимилацијата пред нашите очи. Затоа, да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја – истакна Мицкоски.