Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ има најголем кредибилитет да прави влада, очекувам преговори

1,725

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на првата прес конференција по изборите рече дека неговата партија има најголем кредибилитет за преговори за формирање влада, дека за 10.000 гласа имаат повеќе гласови од СДСМ без Беса. Тој е дециден дека нема да прави влада со ДУИ ако албанската партија инсистира на премиер Албанец, но ни со СДСМ бидејќи како што рече, не прави влада со луѓе осомничени за криминал.

– Народот се определи за промени. Важно е што расположението е оптимистичко а резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта. ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од коалицијата „Можеме“ без тие на Беса. Победивме во 41 општина. ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата победи во Скопје, победи во Ѓорче Петров, во Бутел, Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, победивме во Македонски Брод, во Велес, Карбинци, Виница, Кратово, Зелениково, Македонска Каменица, Зрновце, Пробиштип, Пехчево. Победивме во Свети Николе, Штип, Чешиново – Облешево. Победивме во Босилово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Василево, Росоман, Кавадарци, Кривогаштани, Могила, Неготино. Победивме во Прилеп, во Вевчани, Дебарца, Охрид, Струга, Демир Хисар, Кичево, Брвеница и Јегуновце.  Овој резултат е постигнат во тешки околности. Власта спроведе масовен поткуп. Сајтот на ДИК не работи, а добиваме информации дека се внесувани сомнителни податоци. ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата влада. Водиме пред СДСМ со 10.000 гласови. Ова е тешка битка и заедно со граѓаните ќе победиме – рече Мицкоски.






На новинарско прашање дали би коалицирале со ДУИ и дали ќе прифатат Албанец за премиер Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ има гласови и во чисто албански средини.

– Апсолутно не се согласувам дека пледираме само на една етничка заедница, напротив пледиравме на сите. СДСМ има 10.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ со тие на Беса. Затоа ВМРО има најголем кредибилитет за формирање влада. Деновиве мислам дека ќе се отворат преговори со сите партии. Децидно и експлицитно кажав дека подготвен сум да преговарам, но не и за премиер Албанец оти под диктат не преговарам – рече Мицкоски.

На прашање дали би правел влада со СДСМ тој рече дека со луѓе осомничени за криминал нема намера да коалицира.

Мицкоски е задоволен од претседателот на ДИК и затоа засега немаат намера да побраат негова оставка откако сајтот падна и јавноста немаше увид во бројките.

 

 

 

 

Поврзани содржини