Мицкоски: Вице Заев изнудувал 250.000 евра од битолска фирма
Мистериозно исчезнува делот во пријавата каде што се спомнува Вице Заев. Имаме информација дека Лазе Велковски веднаш изработил нов документ и таму го изоставил делот каде што се спомнува братот на премиерот, но заборавил штембилот да го стави на истото место како на оригиналот, вели Мицкоски.
Поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, барал од битолската фирма „Рубитон“ која добила тендер во РЕК Битола да отстапи 99 отсто од добиениот бизнис, односно 250.000 евра во кеш да му бидат дадени на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, откри лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите.
Тој објаснува дека компанијата по регуларен пат добила тендер, а Ковачевски веднаш го контактирал сопственикот на „Рубитон“ и го принудувал тендерот да го предаде на компанијата „СВ Инвест“ на Столе Чифлигароски. Сопственикот на компанијата „Рубитон“, додава Мицкоски, рекол дека нема правна можност за такво нешто, а Ковачевски организирал средба со Вице Заев во Струмица, но средбата не се одржала.
– Побарувањата биле „Рубитон“ да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев во кеш и таа сума била многу поголема од можната заработка. Откако сопственикот на „Рубитон“ не се одзвал на повиците, Вице му се заканил дека фирмата ќе ја загуби работата. На крајот така и било. Компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари. Оштетените пријавуваат во полиција, по што била изготвена пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Но, тука има еден интересен момент, мистериозно исчезнува делот во пријавата каде што се спомнува Вице Заев. Имаме информација дека Лазе Велковски веднаш изработил нов документ и таму го изоставил делот каде што се спомнува братот на премиерот, но заборавил штембилот да го стави на истото место како на оригиналот – вели Мицкоски.
За случајот се дознало по сведочење на сопственикот на компанијата „Рубитон“. Мицкоски на новинарите им ги достави и двата записника од изјавите на оштетениот, едниот со името на Вице, другиот без името на Вице.
Мицкоски објаснува дека компанијата „Рубитон“ не добила одобрение за влез на механизација во РЕК Битола, а сопственикот на компанијата добил телефонски повик на Вибер од Вице Заев, од кого му било кажано дека ќе дојде извесен Горан од „Тотал“ и со него да ја завршат работата.
– Сопственикот на „Рубитон“ добил повик од Чифлигароски дека Горан доаѓа во Битола по работа и да се видат, но тој се изнервирал, го исклучил телефонот и заминал на планина. Наредниот ден, добил порака на Вибер од Вице во која пишувало: Многу лош впечаток оставивте, недостапен си бил, а седиш во кафич, имам слики. А веднаш потоа добил и повик од Вице, а братот на премиерот му рекол: Ќе си ја тераш твојата работа, ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигнеш – наведе Мицкоски.
Според него, ова е бруталан скандал, бизнисмени се жестоко рекетирани, а на тој начин се исплаќал рекет на фамилијата на власт.
– Ова е само еден од многуте примери. Криминалот е длабоко навлезен во власта – додаде Мицкоски.