Најгласен е муабетот во одредени политички кулоари дека Ковачевски кој работи како помал бизнис партнер на ДУИ во Владата, веќе еднаш си поднел писмена оставка до Собранието. Па овие кои се многу свесни дека со поадот на власта доаѓа и одговорност, многу жестоко го убедувале во спротивното. Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска обраќајќи се пред штипјани.
Мицкоски нагласи дека Ковачевски прифатил улога со која не можел да се носи, и затоа побара да се охрабри и да го направи чекорот, веднаш да си поднесе оставка.
– Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада. Прифативте улога со која не можете да се носите – рече Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски ги отфрли како шпекулација информациите дека депонирал оставка.
– Не постои такво нешто и можете да отидете и да проверите во архивата. Такво нешто не постои како документ. Најверојатно тоа е некоја шпекулација – изјави денеска Ковачевски.